Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) соопшти дека ќе обезбедува дозвола за работа на терен на медиумските работници и по 21 часот, со цел медиумите да имаат предуслови за непречена и професионална работа, откако Владата воведе ограничено движење – полициски час од 21 до 6 часот.
Според МИОА, овие дозволи ќе започнат да се издаваат од денеска (22 март). За дозволата, медиумите ќе треба да испратат барање со податоците за новинарот и снимателот кои денеска ќе работат на терен – име и презиме, мобилен телефон, е-маил, ЕМБГ, причина за движење после 21 часот и медиум, на маил: cabinet@mioa.gov.mk, најдоцна до 20 часот.
„Одобрените барања веднаш ќе бидат испратени до МВР, од каде ќе бидат проследени до службените лица кои вечерва ќе вршат контрола на терен“, велат од МИОА.
Од таму објаснуваат дека дозволите ќе се издаваат на сите медиуми кои се регистрирани во регистарот на ААВМУ (печатени медиуми /телевизии / радија). Исто така, на сите онлајн медиуми од Регистарот на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
„Од утре (23-ти март), барањата за дозвола ќе се испраќаат до МИОА еднаш неделно, односно во понеделник, со распоред на екипите кои ќе работат на терен во текот на целата недела. МИОА, на дневна основа повратно, по електронски пат ќе испраќа до секој медиум потврда за дозволено движење, односно пдф документ со код. Кодот ќе служи за верификација при контролата од страна на МВР. Медиумските екипи кои ќе бидат на терен ќе имаат обврска единствено да го покажат документот, a тоа ќе биде возможно да се направи од мобилниот уред или доколку сакаат и да го испечатат, на службеното лице од МВР“, се вели во соопштението на МИОА.
Инаку, АВМУ веќе апелираше, во услови кога е прогласена вонредна ситуација поради коронавирусот, на сите медиуми – електронски, печатени и онлајн медиуми – да им се обезбеди еднаков пристап за известување. Воедно, од таму потенцираа дека сите медиуми, без исклучок, треба да известуваат професионално, одговорно и без сензационализам.
АВМУ бара еднаков пристап за известување на медиумите, СЕММ и ЗНМ апелираат и за етичко информирање