Мирен протест и денеска пред градилиштето во Аеродром

Група граѓани и попладнево излегоа на мирен протест пред градилиштето до ортопедската клиника Мајчин дом во Аеродром. Побараа да не се гради висококатница на зелената површина, под итно да се тргне механизацијата, и најважно – под итно да се вклучат граѓаните во носењето одлуки за актуелниот ДУП (Детален урбанистички план).

Иако градоначалникот Златко Марин попладнево најави времено стопирање од 15 дена на градежните работи на парцелата, поради нерегуларности на самото градилиште, активистите посочија дека граѓаните мора да бидат на штрек.

„И претходниот градоначалник Ивица Коневски ни ја направи истата финта, кога се буневме против донесениот ДУП. Тогаш го повлече на измена, на доработка, и на тој начин го бајпасираше граѓанскиот револт. Но, ние уште утре се организираме на средби, за да извршиме притисок да се стопира изградбата на оваа парцела засекогаш, а не само на 15 дена“, Искра Манојловска, од граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише”.

Деновиве, најави, активистите ќе се координираат по што ќе се знае дали протестите ќе продолжат или ќе се менуваат акциите за отпор.

Градоначалниот Марин закажа вонредна седница по утрешниот празник, кога, како што најави, ќе се бара решение за проблемот со сите засегнати страни.

Градежната парцела останува заградена, а багерите претходните два дена интензивно работеа на прекопување на парцелата. Иако не работат, остануваат на парцелата.