Со мирен протест и прошетка на милениците од Градски парк до Собранието на РМ, во недела (14 септември) граѓаните и активистие ќе го искажат својот револт поради носење на новиот Закон за заштита и благосостојба на животните кој нема да се забрани еутаназијата на бездомните животни. Присутните ќе побараат да запре насилството, убивањето и експериментите врз животните, а Законот да биде унапреден во секој домен за нивната заштита.
„Дојди зошто сега е мигот да се бориме за законска забрана на користењето еутаназијата како метода за намалување на бројката на бездомни животни, зошто е сурова, примитивна, не постигнува никакво решение! Во оваа борба добивме поддршка од 23 пратеника на ЕУ, ја бараме сега поддршката на пратениците на Р. Македонија!
Дојди за да речеме не за дискриминација на кучињата по раси и нивно нарекување „опасни или агресивни кучиња“ , зошто вината што некое куче е опасно или агресивно не зависи од расата, туку од тоа дали ги чува одговорен, или неодговорен , агресивен човек! Бараме најстроги казни за сопствениците кои поттикнуваат агресија кај кучињата, а никако убивање на кучињата кои еднаш ќе нападнат (предложено во новиот закон), или кучиња затекнати во борби – со нивното убивање се амнестира одговорноста на сопственикот, а се елиминира кучето, кое и самото е жртва!“, посочуваат организаторите.
Тие бараат да не се дозволи воведување на можноста да се вршат експерименти животни, како и да се донесат законски забрани за одредени постапки и најстрого казнување на сите оние кои би предизвикале страв, болка, психофизичко страдање на животните.
Собирот е поддржан од здруженијата „ААПЖ“, „ЕДЕН“, „Анималиа“ – Охрид, „Animal World“ – Струга, „Animals Voice“ – Велес, „Мали Херои“ – Битола и „Втора шанса“ – Кочани.