„Овој референдум е значаен затоа што Македонија после 27 години успеа да реши едно круцијално прашање за нејзиниот напредок“, го започна своето излагање во дискусијата „Мисли на глас“, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска.
Како што истакна Пировска, со учеството на референдумот граѓаните учествуваат во носењето на важните политички одлуки и одлучуваат каква ќе биде нивната иднина. Ги повика младите да гласаат, за да можат во иднина да ги почуствуваат придобивките од европската Унија.
„Граѓаните пред сè треба да знаат дека не гласаат за политичка опција“, рече Пировска и укажа на опасностите од несанкционирањето на говорот на омраза во екот на кампањата, но и на последиците од подгревањето на националистичките страсти.
Во дискусијата посветена на младите и референдумот говореа и Ана Блажевска – истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје, Филип Јовановски – активист и дел од од иницијативата и Орхан Цека – докторанд по право и политика на Универзитетот во Грац.
Според Орхан Цека, младите се заинтересирани за референдумот и за нив ова е важно прашање.
„Без разлика на тоа што ќе се случи после референдумот, за младите е особено важно бидејќи ќе треба да се одлучат дали ќе останат во Македонија или да прават планови за да си одат“, истакна Цека.
„Како и Македонците, и Албанците во Македонија немаат резервна држава. Со самото тоа што Албанците се борат за права во Македонија, покажува колку се заинтересирани да живеат тука“, рече Цека.
Ана Блажева, како истражувач и пцихотерапевт истакна дека е важно да се креираат услови за младите да учествуваат во процесите и да почуствуваат дека нивниот став е земен предвид. За неа е мошне значајно младите да го користат своето право на изразување и се осврна на емоциите во актуелното политичко опкружување.
„ Не треба да размислуваме негативно во однос на емоциите кои ги имаме поврзани со важни општествени прашања“, рече таа. „Гласачите треба да се слушаат самите себе, но и да ги согледаат фактите и да видат што е за нив прифатливо, перспективно и каде сакаат да се видат себеси“, укажа Блажева.
Филип Јовановски ја раскажа својата приказна за учеството во организирање на првиот локален референдум, за зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар во Скопје, како и за стравовите и притисоците со кои се соочуваа во екот на кампањата.
„Референдумот за ГТЦ беше можност граѓаните за првпат да го кажат мислењето за барокот“, рече Јовановски. „Научивме дека е возможно граѓаните да се мобилизираат и да се поттикне некоја поширока дебата“.
Дискусијата „Мисли на глас“ е прва од серијалот од три дискусии посветени на младите и е направена во рамки на иницијативата „Зачекори напред“.