Мистериозен монолит сега се појави во Романија, откако исчезна оној од Јута

Метален монолит оваа недела се појави во Романија откако сличен објект кој беше пронајден во пустина во Јута беше отстранет од „непознати сторители“.

Светлечката правоаголна конструкција била пронајдена во долина во градот Петра Немц во северна Романија. Била забележана неколку метри подалеку од познатиот археолошки објект, Тврдината Петродава, изградена од Дакијците меѓу 82 и 106 година од новата ера.

Монолитот е висок скоро четири метри, а романските власти сè уште не знаат кој е одговорен за поставување на овој мистериозен објект.

„Почнавме да ја истражуваме појавата на овој мистериозен монолит. Се наоѓа на приватно земјиште, но не знаеме кој е сопственикот на објектот. Се наоѓа во заштитена зона на археолошко наоѓалиште. За да се постави некоја таква инсталација потребна е дозвола од министерството за култура“, рекла Роксана Јосану, претставничка на управата за културно наследство од Немц.

Откритието на структурата доаѓа откако сличен монолит беше најден и во пустина во американската држава Јута, што предизвика интерес во јавноста и подгреа многу шпекулации дека станува збор за дело на вонземјани. Сепак, она што е многу поверојатно, е дека станува збор за шега или уметничка инсталација инспирирана од научно фантастичниот роман 2001: Одисеја во вселената.

Во книгата од писателот Артур Ц Кларк, која потоа беше и претворена во филм од режисерот Стенли Кјубрик, се појавува токму ваков монолит во Африка пред три милиони години. Овој објект, испратен од непозната вонземјанска цивилизација пренесува интелигенција на изгладнето племе човеколики мајмуни, кои потоа успеваат да развијат основни алати со кои успеваат да стават крај на нивниот глад. Во книгата, монолитот се користи како алатка од вонземјаните за да ја истражат галаксијата и да развиваат интелигентен живот.

Во Јута, конструкцијата висока преку три метри била забележана од локални службеници кои вршеле пребројување на стоката од хеликоптер. Сепак оваа тродимензионална структура била отстранета од „непознати сторители“ минатиов петок, соопштиле од Бирото за управување со земјиштето на Јута.

Иако објектот бил откриен изминатиов месец, слики од мапите на Гугл покажуваат дека монолитот во американската пустина стоел најмалку од 2015 или 2016 година, а дел од експертите велат дека материјалот на објектот би издржал да стои на тоа место и повеќе од 40 години.

Властите наводно не откривале дека пронашле ваков објект да не почнат луѓе масовно да почнат да го посетуваат местото и евентуално да се загубат во непрегледните пустински широчини.

Сепак, дел од информираната јавност веднаш посочи дека оваа инсталација може да е дело на американскиот артист Џон Мек Кракен, кој живеел токму во близина на Ново Мексико и починал во 2011 година.

Мек Кракен бил познат по скулптури кои стојат во простор во вид на пирамиди и коцки.

Ова го потврдиле и од арт галеријата на колекционерот Дејвид Звирнер, која има повеќе дела од уметникот. Звирнер сугерирал дека монолитот навистина е дело на Мек Кракен и дека стоело неоткриено скоро една деценија во пустината.

„Галеријата има поделени мислење по прашањето. Јас сум сигурен дека се работи за Џон“, рекол Звирнер.

Но и понатаму никој официјално нема преземено одговорност за појавата на монолитите.