Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција соопшти за активностите кои Државниот пазарен инспекторат ги презел заклучно со вчерашниот ден.
Митева посочи дека биле направени вкупно 82 контроли со записник, односно дека има многу повеќе за кои сѐ уште трае анализата и контролата по Законот за угостителска дејност. Тука се вклучени сите, од кабаре, дискотека, односно надзори по Законот за угостителска дејност на цела територија.
„Од 23 со лиценца, констатирано е досега 13 не исполнуваат минимум технички услови, при што се изготвуваат решенија до Министерство за економија за одземање на лиценцата и ќе бидат издадени решенија за забрана на вршење на дејност. Кај 5 правни субјекти коишто се регистрирани како кабаре/дискотека и коишто се со истечена лиценца, а е утврдено дека работеле изминатиов период, сакам да информирам дека се издадени решенија за забрана на дејност“, рече Митева.
Дополнително, таа посочи дека кај останатите 41 кафич-клуб, кај 30 од нив се констатирани неправилности по Законот за угостителска дејност и изречени се 28 прекршочни налози и 2 затварања за пречекорување на работно време, што подразбира и платен налог.