Носење маски и ракавици, дистанца и дезинфекција, продолжен период за гласање на денот на изборите, но и можност за одржување митинзи и кампања од „врата на врата“ се дел од препораките од Протоколот на Комисијата за заразни болести за одржувањето на изборите кои ги соопшти Министерот за здравство Венко Филипче.
Препораките се подготвени по барање на Претседателот Стево Пендаровски по лидерската средба која се одржа во вторникот на која беше одлучено да се побара процена од Комисијата за заразни болести, мислења од ДИК и од ОБСЕ/ОДИХР за организација на парламентарни избори.
Протоколот на Комисијата за заразни болести предвидува:
Предизборна кампања:
Сите активности да се одржуваат со физичка дистанца од 1,5 до 2 метри, со задолжително носење заштитна маска или прекривка на лицето и често миење на рацете и дезинфекција.
На собирите да се користи разглас за да се избегнува собирање на голем број луѓе на мал простор.
Кампањата „врата на врата“ треба да се реализира со задолжително носење заштитна маска и држење дистанца од соговорниците, да не се влегува во домаќинствата туку само на врата или во дворови.
Активностите на партиските штабови да се спроведуваат на отворено, а ако се внатре да се почитуваат сите мерки. Активностите да не траат подолго од 2 часа и потоа да се проветруваат просториите, да се врши секојдневна дезинфекција.
На пунктовите за рекламен материјал на еден штанд да има најмногу двајца активисти со задолжителна заштитна опрема.
Партискиот превоз се спроведува со јавен превоз каде капацитетот на возилото треба да најмногу 50 проценти пополнет и сите да носат заштитна опрема. Превозниците треба да обезбедат средства за дезинфекција на возилата.
На денот на изборите:
Членовите на избирачките одбори и набљудувачите мора да носат заштитни маски и ракавици и просторијата да ја држат со отворени прозорци или да ја проветруваат на секој час
На секое гласачко место мора да им средство за дезинфекција на рацете
Гласачите пред влегувањето чекаат во ред со растојание од најмалку 2 метри и при влегување, како и по гласањето ќе мора да ги дезинфицираат рацете. Гласачите при давањето лична карта кратко ќе ја тргнуваат маската за да можат да бидат идентификувани.
Во просторијата не треба да има повеќе гласачи од бројот на пултови за гласање.
Да се зголеми времето за гласање за два часа (изборниот период моментално трае од 07 до 19 часот).
Дополнително, Министерот Филипче денеска информираше и дека Комисијата за заразни болести предложила продолжување на вонредната состојба со цел и натаму да може да се спроведуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.