МКЦ ќе стане првата културна установа која нуди пристап до бесплатни менструални продукти

Меѓународниот ден за менструална хигиена ќе биде одбележан на 27 мај (понеделник) во Младинскиот културен центар (МКЦ) каде ќе има вечерна програма наменета за сите, а преку која ќе се информира за значењето на менструалната правда, како конечно да се искорени менструалната сиромаштија.

Во фокусот на годинешниот настан ќе биде поставувањето на диспанзери за бесплатно пристапување до влошки за менструална хигиена.

„Иницијативата која беше покрената пред неколку години ја остваруваме оваа година, засилени и здружени со Француската амбасада во Скопје. Со оваа акција нашето МКЦ ќе стане првата јавна културна установа која нуди пристап до бесплатни менструални продукти“, се вели во соопштението за претстојниот настан.

По свеченото отворање, во 19 часот ќе има Квиз за сеопфатно сексуално образование во организација на ХЕРА. Потоа во 20 часот ќе биде промовирана книгата #ПрваМенструација, по што ќе има проекција на кратки филмови. Агендата ќе заврши со концерт на Долорес (Србија).

Минатата година Тиииит! Инк. заедно со иницијативата ПЕРИОД.Скопје ја одржаа конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“. Таа беше мотивирана од истражувањето спроведено во 2021 година со реактор – истражување во акција, со наслов „Менструална правда: сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија, проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, кое даде увид за менструалната правда во нашата земја.

(Не)успешни иницијативи за бесплатни менструални производи во време на менструална сиромаштија

„Она што е важно да се забележи е дека од 2021 година до денес нашата долгогодишна работа доведе до менување на дел од постоечките политики, но свесни сме дека предизвиците се сѐ уште присутни за да дојдеме до суштинско надминување на проблемите“, велат здруженијата.

Оттаму додаваат дека се надеваат правото на бесплатни менструални продукти да биде достапно за сите кои менструираат во државава и дека оваа акција ќе биде поттик и мотивација за да започнат да ја практикуваат и останатите релевантни установи и институции низ градот Скопје и низ целата земја.

Настанот е соработка меѓу организациите Тиииит! Инк., ПEРИОД Скопје и ХЕРА, со поддршка од Француската амбасада во Скопје.