МКЦ – остани секогаш помлад од нас!

Во очи на роденденот на Младинскиот културен центар, контактиравме повеќе личности од културниот, уметничкиот, академскиот и активистичкиот свет, за да ни дадат своја посвета и видување за МКЦ.

Ги прашавме соговорниците што е МКЦ? Културен факелносец, место за млади и не-толку-млади? Центар за свирки, уметност и дружби? Се’ од наброеното? Има ли МКЦ влијание во поширок општествен контекст? Како го доживуваат МКЦ?

Еве ги одговорите:

Сеад Хаџиќ – Сецко, „Мугер Фугер“

Во МКЦ како пионир настапив со мандолинскиот оркестар на основното училиште „Ѓорче Петров“ и уште не ми е доста.

Мирко Стефановски, директор на МКЦ меѓу 1980 и 1986 година

Младинскиот културен центар, во тоа време „25 мај“, значи пред преку три ипол децении, беше своевидна работилница на младата генерација. Имавме преку 100-ина клубови и тоа беше компетиција со најкреативните млади луѓе од цела Југославија. Извонреден фото-клуб, мајстори на фотографија, радио клуб, женскиот хор „25 мај“, детскиот хор „Развигорче“, го формиравме младинскиот оркестар, „Џез фестивалот“ итн.

За разлика од младата генерација која во подоминантен период рецептира и прима, а не и креира, ние во тоа време се обидувавме токму тоа да биде. Тогаш и зборот „младите“ како целина беше подоминантен, се слушаше… МКЦ остави настани кои и ден денес се влијателни и значајни. Исклучително е значаен, бидејќи голем дел од младата генерација од тоа време денес се носители на прогресот, напредокот на нашата држава.

Артан Садику, другар на МКЦ

МКЦ за мене е манифестација на градот кој фали во Скопје. Само во МКЦ можев да ја живеам и доживеам мојата желба за град, за размена, предизвик и заедништво.

Васко Атанасоски, „Бернејс пропаганда“

МКЦ за мене е местото во кое пораснав и полека стареам. Преживеав 7-8 директори и доживеав многу убави и лоши работи таму како посетител и уметник, но на крајот на денот после градскиот стадион тоа е мојот втор омилен јавен простор во Скопје.

Михајло Грбевски – Мишко, долгогодишен музички новинар

Младинскиот културен центар во Скопје, претставува култно место во градов, во кое се родиле голем број манифестации како што се Младиот отворен театар, „Рок фест“, „Скопскиот џез фестивал“, „Таксират“, „Здраво млади“ „Земјотрес“, „Синедејс“ и многу други кои се важен двигател на културата во градот, но и во целата држава. Како мултифункционален објект, со концертна сала, две кино сали, уметничка галерија, планетариум, со ресторан и хотел, кои сега се во приватна соптвеност, а некогаш беа дел од МКЦ, објектот ги има сите предиспозиции да биде културен знаменосец и место каде ќе се раѓаат и реализираат идеите на новите креативци од земјава и од странство. Токму тоа и се случуваше во изминативе децении, но за тоа голема заслуга освен уметниците имаат и луѓето кои раководеа со оваа институција затоа што секогаш биле отворени за соработка и големи подржувачи на новите културни текови.

МКЦ е единственото место во Скопје кое ја обавува функцијата за која е наменет, но на градот му се потреби и други вакви објекти кои ќе придонесат за поголем развој на уметноста, затоа што рака на срце, денес тој станува се` потесен да ги прими и организира сите настани кои се поврзани со културата. Но, можеби тоа е добрата вест, дека конечно во градот и во државава има се` поголем број луѓе кои се занимаваат со некаква уметничка креативност која сакаат да ја претстават пред публиката во МКЦ.

Петрула Велјановска, „МакеДокс“

МКЦ – место каде што секогаш се чувствувам млада и своја… МестоКоеГоЦенам.

Галерија во МКЦ

Дарко Арсовски, НаТочак

За време на најлошите денови на културната апатија и пригушувањето на слободната мисла, МКЦ беше место кое успеа да опстои со богата и шаренолика програма. Простор каде освен забавната и културната програма, се гаеше дружење, вмрежување на слободоумни, творење. Верувам дека тоа дозволи младите да опстанат во градов и државава. Оправдано го носи М-то во „МКЦ“.

Мира Беќар, професорка/доцент и Водно-чуварка

МКЦ е центарот на моите омилени вон-школски активности. Созревав и експериментрав во МКЦ од свои 16 години. Изложеноста на сите музички жанри/стилови се случуваше токму таму. Па кого се’ не запознав пред МКЦ и до денес најпријатно ми е чувството на припадност со таа група на луѓе, со која заедно сум учела и за музиката и за дружењето. Платото ми е најголемиот подиум на кој сме се губеле танцувајќи деноноќно и на сонце, и на полна Месечина и на силен дожд. МКЦ е најважниот културен и емотивен ,,артефакт“ за мене. Првите концерти кои ги гледав беа на ју-бендови и Поп-рок фестовите.

Скулптурата со ,,Малиот принц“ одлично го илустрира нашето лутање на планетата наречена МКЦ и постојаното балансирање помеѓу световите на возрасните и на оние кои всушност никогаш не сакаат да пораснат. Кога ќе го погледнам тој објект, го доживувам како жив организам, едноставно пулсира со културата на забава во 1990ти и симболизира еден слободен простор (нешто што денес е реткост за Скопје). Скопје не е Скопје без МКЦ, кое ја симболизира динамичната позитивна историја на градот.

Детски креативен центар во МКЦ

Костадин Шурбановски – Шурбе, стотројкаш, диџеј и дел од „Скопје џез фестивал“

Едно од неколкуте здрави, чисти и нормални острови на културата во македонското валкано и заразено мочуриште.

Тони Димков, новинар кој 30-ина години следи настани од култура

Младинскиот културен центар, односно некогашниот Дом на млади „25 Мај“, е мојата почетна станица во откривањето на светот на културата, уметноста, па и на животот, воопшто. Уште во тинејџерските денови одев на различни настани во МКЦ, а и до ден-денес одам. Многу мои први нешта ми се случиле таму – концертите на „Мизар“, „Екатарина Велика“, „Дисциплина кичме“, Рок-фест, претставите на МОТ, многу изложби и промоции на книги. Желбата да одам во МКЦ се појавила спонтано, но не и случајно, бидејќи тоа што мене ме интересирало се случувало таму. Бројните програми што ги имаше во МКЦ беа мојот мотиватор на посветеноста кон следењето на уметноста, што подоцна ми стана и професионална определба.

Во МКЦ ги направив првите интервјуа кога почнав да работам во Македонската телевизија, се запознав и станав пријател со многу гости на МОТ, лични пријатели ми станаа многу музичари кои настапувале во Денсинг салата. МКЦ ми дал можност да се сретнам со различни профили и карактери на луѓе со кои комуникацијата ми трае со години. Тоа е влијанието што МКЦ го има во општествената средина, односно овозможува средба на различни луѓе во една точка и со иста цел. Со фестивалите МОТ, „Синедејс“, „Здраво млади!“, со настаните „Роденден“, „Бела ноќ“ и со сите други активности МКЦ го шири своето влијание во поширокиот градски амбиент, со што ја потврдува својата функција на „збирна точка“ на сите генерации кои се чувствуваат млади во душата.

Кино Фросина во МКЦ

Ненад Стевовиќ, „Или-Или“

МКЦ е место кадешто како 15-годишник го откривав светот и се откривав себеси. Истото важи и кога имав 20 и 30 и 40 години, и денес, кога имам 52, а се надевам дека ќе се дружиме и на 70. МКЦ е живот.

Пеце Младеновски, „Суперхикс“

Првите концерти ги изгледав во МКЦ. Еден куп нови пријателства стекнав таму. Првите настапи со „Суперхикс“ на „поголема сцена“ ги имавме токму во МКЦ. Влијанието и допринесот за изградба на едно „покултурно“ општество на МКЦ е огромно и незанемарливо. Сите кои пораснале со него во текот на 90-тите и 2000-тите тоа добро го знаат. Има тука уште доста простор истиот како таков да се развива уште повеќе, ги отвора своите врати за уметниците од разни области (а посебно оние младите на кои таков им е потребен за креативно изразување). Ако кажам ЕДНО Е МКЦ! веројатно нема да згрешам во ова време во кое и културните домови станаа рент-а-турбофолк моменти. На МКЦ му посакувам да „одгледа“ уште многу генерации! Да живее МКЦ!

Денсинг сала „25 мај“ во МКЦ

Јана Јакимовска, уметница и професорка  

Кога прв пат отидовме на свирка во МКЦ, веројатно Поп-рок фест или Февруарски рок поход некаде во далечните деведесетти години од минатиот век, се погледнавме со другарка ми Румена и рековме: Лелее, па ние ОВДЕ припаѓаме! Оттогаш, припаѓаме во МКЦ на многу начини – и како публика, и како учесници на многу настани кои МКЦ ги организира или за кои е отворен добар домаќин.

МКЦ не само што ни ги претставуваше домашните бендови во нашата младост – МКЦ ни ги носи и омилените светски артисти и во нашата зрела доба. Се шегував по распадот на Sonic Youth, дека МКЦ ни овозможи да видиме засебно две третини од бендот. Останува да ја донесе и Ким Гордон за да можеме да речеме дека сме ги виделе Sonic Youth во МКЦ.

МКЦ конечно има директор кој доаѓа од јадрото на креаторите на програмата а МКЦ – и тоа треба така да остане и понатаму. На тој начин на концертите, изложбите, журките и другите настани ќе има се повеќе млади девојки и дечки кои ќе се погледнуваат како нас и ќе си речат: Лелее, па ние ОВДЕ припаѓаме!

Среќен роденден МКЦ, остани секогаш помлад од нас!

 

Бојан Шашевски