По повод 51 година од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, Младинскиот културен центар најавува богата програма на 25 и 26 јули насловена „МКЦ за СКопје“. За љубителите на филмот, музиката и уметноста ќе се одржат повеќе настани, а влезот за сите посетители ќе биде бесплатен.
На 25 јули МКЦ го најавува концертот на белградското дуо ТИ, филмско/музичкиот проект од Нови Сад Dojo и скопскиот соло проект Lepi Xhoni со почеток во 21 часот. Следниот ден, на 26 јули ќе се отовoри изложба на избрани дела од академскиот сликар Томе Мишев, додека во кино „Фросина“ е најавена проекција на филмовите: „ре: волт # 2“ (r e : v o l t # 2) на Стефан Сидовски и „Град на човечко препознавање“ (документарен филм на Трајче Попов 1972). Филмот е посветен на Скопје, на неговиот развој низ векови, на борбата против разните окупатори и природните стихии, за посетите на претседателот Тито, за сè она што било значајно во неговиот развој.
На одбележувањето се приклучува и кино Милениум со 24-часовен филмски маратон кој ќе започне на 26 јули во 11 часот со филмот Поштарот Пет , а програмата ќе заврши следниот ден со проекцијата на „Рио 2“ 3Д во 8 часот. Билети ќе се издаваат само за филмовите „Херкул“ од 20 часот и „Улица Скок бр.22“ од 22 часот. Секој ќе може да подигне по најмногу 2 билета на билетара на Кино Милениум од петок од 10 часот. За останатите проекции, нема да бидат потребни билети.