Шиден Текл и неговите пријатели станале толку фрустрирани од недостатокот на актери црнци во филмовите и телевизиските серии што одлучиле да ги изменат познатите филмски постери како „Титаник“, „Хари Потер“ и „Инбитвинерс“ со црнци во главните улоги.
Постерите изложени во Брикстон во Лондон, на активистичката организација „Адвокаси Академи“, требало да бидат ставени само во спалните соби на Текл и неговите другари, но субверзивната маркетинг организација „Специјал Патрол Груп“ ги забележала постерите на интернет, им се допаднал концептот и се впуштиле во акција да им обезбедат што е можно поширока јавност.
Тие испечатиле огромни верзии на постерите и тајно ги поставиле на автобуските постојки низ Брикстон.
Can’t stop looking at these posters from @legallyblackuk #representationmatters #Afrofuturism pic.twitter.com/02gGHqCiEk
— Joshua Asiko (@joshua_asiko) March 2, 2018
„Првпат ги забележав додека чекав автобус. Бев воодушевен“, рекол 18-годишниот Текл за Гардијан.
Текл објаснил дека тој и неговите пријатели – Лив Френсис Корниберт, Кофи Асанте и Бел Матос да Коста, сите на 17 години, кои ја формирале активистичката група „Легали Блек“, одлучиле да ги направат постерите откако обучувачи од „Адвокаси Академија“ ги прашале што е она што најмногу ги лути и што би сакале да видат како промена во општеството.
„Напаѓан сум на расна основа од мои 12 години и секогаш кога гледаме во медиумите никогаш нема позитивно прикажување на црнците. Во големите филмови, актерите црнци често глумат криминалци или дилери на дрога и тоа брзо ги наведува луѓето да веруваат дека сите црнци се такви“, вели Текл кој студира политикологија, социологија и медиуми.
„Затоа одлучивме да ставиме црнци во големите филмови и да ги предизвикаме перцепциите и претпоставките на луѓето“, додава Текл.
Четирите тинејџери ги вклучиле пријателите и семејството да позираат за постерите, додека професионален фотограф и графички дизајнер им помогнал во создавањето на сликите.
Истражување на Британскиот филмски институт покажува дека актерите црнци имале само 218 главни улоги во 1.172 британски филмови објавени меѓу 2006 и 2016 година со вкупно 45.000 улоги вкупно. Тоа значи дека актерите црнци играле во само 0,5% од нив.