Во „Котур“ во сабота (17 ноември) од 19:30 часот ќе се одржи настан по повод здружување на пет држави за остварување на иста цел – потикнување на креативниот дух кај младите во обидите за постигнување еднаквост.
Млади артивисти за промена (МАП) е креативна и иновативна алијанса помеѓу 5 држави: Македонија, Косово, Србија, Албанија и Холандија, а финансиран од Министерството за надворешни работи на Холандија.
„Проектот се фокусира на учеството на млади од 15 до 24 години во активности поврзани со филм, театар, подкасти и раскажување на приказни. Специфично таргетираме млади (вклучувајќи ги и оние кои работат со млади) и ги охрабруваме во нивните обиди за промена и подигнување на свесноста за човековите / ЛГБТИ правата и родовата еднаквост преку уметност“, стои во најавата за настанот.
Алијансата се состои од 17 организации кои делуваат во полето на уметноста, културата, човековите/ЛГБТИ правата, родовата еднаквост и младинската работа. Алијансата верува дека културната дипломатија поттикнува и отвара дијалог и меѓусебно разбирање помеѓу Холандија и земјите од Западен Балкан.
МАП спроведува активности за поврзување на млади луѓе со различнa културна позадина како што се организирање на: ЛГБТИ филмски фестивали, изложби на фотографии, дебати и настани за десеминација и зголемување на видливоста на резултатите од проектот до јавноста.
„Опипливи резултати од проектот се: тренинзи за филм, фотографија, театар, подкасти и техники за раскажување на приказни дизајнирани за млади уметници и активисти кои делуваат во полето на застапување за човековите/ЛГБТИ правата, социјалната инклузија и нивно охрабрување преку тренинзи и работилници. Една од најважните активости во проектот е создавањето на безбедни уметнички простори. МАП цели да оствари значаен придонес во разбирањето на младите, човековите права како и разбирањето на демократските принципи на Европската Унија кои можат да ја олеснат транзицијата на партнерските држави во нивните обиди за членство во Европската Унија“, сe вели во најавата за настанот.
Свое обраќање ќе имаат претставници од партнерските организации во проектот, како и Амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје – Н.Е. Ваутер Пломп, а после тоа ќе следат диџејски сетови на Петар Антевски, Ивана Низамовска и Јана Тодоровска.
„Ги охрабруваме сите млади кои имаат интерес во уметност и активизам да присуствуваат на настанот“, стои во повикот.