Медиумите не придонесуваат, односно придонесуваат кон зголемување на медиумската писменост. Ова е тезата на панел-дискусијата што се одржа вчера, а која ја предводеа млади дебатерки од дебатниот клуб на Младинскиот образовен форум.
Настанот беше поставен во форма на дебата по „школски пример“, а шесте дебатерки беа поделени во два тима застапувајќи ја афирмативната страна – медиумите не придонесуваат кон зголемување на медиумската писменост, односно негативната – медиумите придонесуваат кон зголемување на медиумската писменост кај луѓето. Секоја од говорничките или Јана Симеонова, Елена Николова, Миа Чучак, Лиза Брасова, Евгенгија Стојкова и Деа Деспотовска имаше право на осум минути за аргументирање и четири минути простор за реплицирање.
Тие дебатираа за тоа дали младиот или просечниот човек има време да проверува дали вестите кои ги прима се точни или не, колку се користат алатките за проверка на факти, колку луѓето се медиумски писмени и дали традиционалните медиуми се пристрасни при известувањето.
Првиот аргумент на афирмациската страна беше дека младите немаат време да ги проверуваат информациите кои најчесто ги гледаат на социјалните мрежи.
„Исто така голем дел не се медиумски писмени на самиот старт за да посегнат по вакви истражувања што е нешто што овозможува ширење на лажни вести и умножување на лагите. Од друга страна доколку се служат со традиционални медиуми за кои може да владее лажна перцепција за нивната вистинитост, може уште повеќе да се нанесе штета на медиумската писменост“, рече Миа Чучак која се претстави како прва говорничка на тимот.
Таа додаде дека традиционалните медиуми според нив вообичаено се попристрасни во известувањето поради изворите на нивните финансии. За пример го посочи медиумот „Фокс Њуз“ за нивното известување во полза на републиканската партија во САД што ја остава во негативно светло демократската партија.
„Медиумите може да го манипулираат народот со тоа што избираат да вршат репортажа на пример само на насилните или нарушувачки аспекти од некој протест“, истакна Чучак.
Спротивно на ова, негацискиот тим се залагаше дека со човекот е делумно медиумски писмен со самото тоа што е опкружен со медиуми уште од најмала возраст и оттаму способен е да распознава дезинформации.
„За нешто што не’ засега, ќе одвоиме време да се прашаме повеќе и да ја провериме таа информација за да отвориме дебата со нашите пријатели и слично“, забележа Евгенија Стојкова, третата говорничка во тимот негација.
Тие, како што рече Стојкова, се согласуваат дека проверувачите на факти не се толку развиени, но според нив процентот на луѓе кои се медиумски писмени е доволен за тие да увидат кога се работи за неточна вести и да превенираат нејзино ширење.
„Од друга страна ако преку традиционалните медиуми се изнесуваат информации ако се наклонети, не значи дека се неточни, туку само застапуваат нечија политика или нечија идеологија. Не мислиме дека се толку важни за медиумската писменост затоа што тие само ја покажуваат нивната перцепција за работите што се случуваат, не шират дезинформации“, децидна беше Стојкова.
Дебатата очекувано немаше епилог, односно победничка страна, по што дебатерките меѓусебно ги поздравија аргументите со „drum roll“, по што следуваше неформална дружба со младите во публика.
Настанот беше дел од Деновите на медиумска писменост 2023, во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ (YouThink), спроведуван од ИРЕКС во соработка со Младински образовен форум.
Ангела Бошкоска