Млади еко-активисти разговараа за предизвиците и досега преземените активности

Младинското учество во заштитата на животната средина на локално ниво, придобивките од новоформираните локални младински совети, предизвици и активностите кои досега беа преземени беа главна тема на конференцијата „Зајакнати млади и младински организации – заеднички во акција за позелени општини“ одржана на 18 септември во Скопје. На настанот присуствуваа млади активисти, претставници од граѓански и младински организации, како и претставници на општините.

Првиот панел се фокусираше на соработката меѓу проектот „Младински активизам за позелени општини“ и општините. Младински претставници од Општина Центар и Општина Гевгелија ја потенцираа потребата од континуирана поддршка и зајакнување на капацитетите на младите, како и важноста на Законот за младинско учество и младински политики.

„Се истакна важноста изменување и дополнување на Законот за младинско учество и младински политики во насока на поедноставување на постапката за основањето на локалниот младински совет, како и потребни и неопходни измени во делот на надлежностите на младите“, наведуваат од Македонското здружение на млади правници (MYLA).

Вториот панел беше посветен на локалните младински совети и на него се обратија претставниците од Локалните младински совети во Пехчево, Кавадарци, Виница и Зелениково.

„Формираните младински совети се функционални и активни. Ја споделија одличната соработка со општините каде што се формирани и ги истакнаа придобивките од основањето на локалните младински совети. Она што е важно и што се потенцираше е дека младите се повеќе и повеќе свесни за важноста од заштитата на животната средина. Локалните младински совети треба да претставуваат мост помеѓу младите и општината“, велат организаторите.

На третиот панел ги презентираа своите иницијативи за заштита на животната средина на локално ниво. Тие ја истакнаа важноста на едукацијата за заштита на животната средина, климатските промени и младинскиот еко активизам како клучна алатка со која тие стекнуваат знаења од областа на животната средина и климатските промени и се здобиваат со вештини за младински еко активизам.

„Младите еко активисти ги споделија нивните локални еко – иницијативи кои се однесуваа за воведување на програма за субвенции за поставување фотоволтаичнипанели или соларни термални колектори на објекти имајќи предвид дека сончевата енергија е чиста и одржлива алтернатива на традиционалните извори на енергија и има потенцијал значително да ги намали трошоците за енергија за граѓаните и да го подобри квалитетот на живот“, објаснуваат тие.

Исто така, еко – иницијативи за локално подобрување на вело-инфраструктура, за преземање на активности за намалување на комунален отпад и спречување на формирање на т.н. мини депонии со кабаст отпад.

Настанот се одржа во рамки на проектот „Младински активизам за позелени општини“ кој го спроведуваме заедно со „Биди зелен“, „Центар за климатски промени“ и Младинска асоцијација „Креатив“ од Кавадарци. Поддржан е од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Фото: Македонско здружение на млади правници / Фејсбук