Група на млади муслимани чукаа на вратите на нивните соседи во градовите низ Канада, за да им одговорат на нивните прашања за исламот и да ги објаснат погрешните сфаќања и нејаснотии за нивната религија.
Иницијативата е дел од кампања за едукација која во моментов се спроведува низ цела Канада, а се вика Islam Understood (Исламот, разбран), која има за цел да покаже кои се муслиманите и за какви вредности се залагаат.
Спроведена од Младинската муслиманска асоцијација на Канада – Ахмадија, целта им е да се спротивстават на стравовите за нивната религија која велат дека е се позастапена во нивниот регион.
„Има многу погрешно разбирање кај луѓето за исламот. Ние се трудиме да им ја дадеме на луѓето идејата дека ИСИС не е синоним за ислам. Ние имаме религија на мир“, вели Касид Чаудри, еден од младите кои ги посетувале луѓето во Бери, Онтарио.
Тој е роден во Канада. Вели дека сака неговите соседи да разберат дека иако почитува исламски вредности, ги дели и канадските.
„Чудесно е бидејќи многу често луѓето се плашат и исламофобијата станува многу голем проблем. Прави да се чувствуваме дека не се плашат од исламот, туку од екстремистичките групи“, изјавил тој за канадска телевизија.
Денот на акциите бил планиран подолго време, но се случил на денот кога во Монтреал биле одржани маршови на критичарите, но и на поддржувачите на парламентарен предлог со кој ќе се осудува исламофобијата.
Претходно годинава, во џамија во Квебек беа убиени шестмина муслимани. Француско-канадски студент, кој јавно се прокламирал како поддржувач на Доналд Трамп и Марин ле Пен, беше осуден за нападот.
Веднаш потоа, Канаѓани собраа повеќе од 350 илјади фуни за оние кои претрпеле емотивна, физичка или материјална штета за време на нападот.