Млади музичари со концерти во Битола и Скопје ќе го завршат меѓународниот камп „Етно Македонија“

Музичка младина на Македонија четврта година по ред го организира меѓународниот камп за млади музичари „Етно Македонија“ кој започна на 15 јули и ќе трае до 23 јули во интернатот „Мирка Гинова“ во Битола. Учесниците годинава ќе приредат завршни концерти на 23 јули со почеток во 21 часот во рамките на фестивалот „Илинденски денови“ на платото на Офицерски дом во Битола и на 24 јули од 21 часот на фестивалот „Скопско лето“ во „Сули ан“. 

„’Етно’ е програма на Меѓународна музичка младина (JM International) за народна, светска и традиционална музика, наменета за млади музичари на возраст од 18 до 30 години. Програмата се спроведува во 45 земји ширум светот и има за цел да го оживее и да го одржи во живот глобалното културно наследство, ангажирајќи ги младите луѓе преку серија годишни меѓународни музички кампови“, се вели во соопштението. 

На „Етно Македонија“ годинава учествуваат музичарите Бојан Анакијевски, Џина Перкиќ, Илда Хамустафиќ, Младен Ристиќ, Камил Сини, Јоше Холстајн, Џои Дортен, Маја Селис, Лорен Колиер, Франческа Маночо, Јорун Лауресенс, Виктор Буендиа и Карл Ериксон. Тие доаѓаат од Македонија, Босна и Херцеговина, Италија, Франција, Холандија, Белгија, Шкотска, Шведска и Естонија. Нивни ментори се Ангел Спироски, композитор и диригент од Македонија и Ламија Сариќ, кларинетистка од Босна и Херцеговина. Координатор на кампот е Верица Ајтовска.