„Млади од семејна разновидност“ и „Сојуз на извидници“ се добитници на Националните награди за волонтерство

Младинската организација „Млади од семејна разновидност“ и Организацијата „Сојуз на извидници на Македонија“ се добитници на Златен сертификат за волонтерство за 2024 година, кој го доделува Младинскиот културен центар (МКЦ) – Битола по повод 5 декември Меѓународниот ден на волонтерите.

Од МКЦ Битола информираат дека „Млади од семејна разновидност“ ја добиваат наградата за волонтерската иницијатива за намалување на партиципацијата на студентите од еднородителски семејства. Како што наведуваат оттаму, оваа организација во последните 4 години работи на разни иницијативи за помагање и поддршка на деца и млади од самохрани и еднородителски семејства.

„Нивните иницијативи вклучуваат поддршка за ментално здравје од страна на психолози и доктори, работилници за да си ги дознаат нивните права и хуманитарни донации за едукација и покривање на основните потреби. Нивната најпозната иницијатива е за намалување на партиципацијата на студентите од еднородителски семејства на факултетите во Републиката во која иако законски не е засега засновано, секој државен факултет ја прифати нивната иницијатива и сега овие студенти со еден родител учат со половина партиципација“, истакнуваат од МКЦ.

Додека, Организацијата „Сојуз на извидиници на Македонија“ го добива златниот сертификат за волонтерската иницијатива „Боренка“ која почнала со работа во Македонија во 2022 година и, како што појаснуваат од МКЦ, се истакнува како клучен пример за одржливост и грижа за животната средина.

„Боренка е иницијатива за пошумување на опожарени подрачја во државата во организација на ‘Сојуз на извидници на Македонија’ и ЈП Национални шуми. Боренка како главен дел од своите активности организира и спроведува работилници за едукација на тема заштита на животната средина и превенирање на шумски пожари за ученици од основни училишта и акции за пошумување на опожарени подрачја“, објаснуваат од Волонтерскиот центар МКЦ во Битола.

Оттаму додаваат дека со својата работа до сега, волонтерската акција „Боренка“ има мобилизирано повеќе од 2000 волонтери, засадено повеќе од 55000 садници, пошумено 13 хектари опожарена површина, спроведено повеќе од 90 едукативни работилници со повеќе од 10000 ученици во повеќе од 40 основни училишта низ целата држава.

„Честитки до добитниците на наградата и нека е честит празникот на сите волонтери во светот – 5 декември!“, поентираат од МКЦ.

Инаку, МКЦ – Битола ги воспостави Националните волонтерски награди од 2006 година, чија цел е оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.