Млади создадоа интерактивна платформа со податоци за основните училишта во земјава

Тимот „SingleTons“ составен од млади иноватори создаде интерактивна платформа на која се прикажани податоците за основните училишта низ државата со што победи на првиот ДатаТон организиран од Здружението ЗМАИ.

Предизвикот беше да се раскажат приказни за младите и образованието, користејќи големи бази на податоци објавени од институциите. По три дена напорна работа, редовно менторирање и тренинзи поврзани со користењето на податоци, обработка, креирање бизнис модели основани на податоци и презентациски вештини, победи тимот SingleTons.

Според нив, оваа платформа ќе им служи на институциите, родителите и бизнисите за носење информирани одлуки. Работејќи заедно, тие создале модел кој со веројатност поголема од 90% може да предвиди колку првачиња ќе се запишат во училиштата во текот на следната учебна година.

„ДатаТонот беше многу интересен и добро организиран. Со тимот одлично се погодивме, со дел од нив работев прв пат. Видовме колкави се нашите граници и што можеме да сработиме за само 1 викенд. Не очекувавме дека ќе победиме, имаше навистина силна конкуренција и многу сме горди со резултатот. Интересно беше да научиме повеќе за работа со податоци, деновиве ќе се видиме повторно за да размислиме како би продолжиле со развојот овој производ“, вели Марко Дураков, лидер на тимот.

Тимот доби најмногу поени од публиката, менторите и стручната комисија, составена од: проф. д-р Мијалче Санта од Економскиот факултет, Филип Илиевски од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, Невена Спасовска Азеска – ко-основачка на Здружението ЗМАИ, Сара Миленковска, основачка на менторската мрежа СТЕЛА и Александар Мазни, директор за продажба во ИнфоСофт.

Победниците добиваат награда од 60.000 денари, која може да ги поддржи во понатамошниот развој на решението. Во следниот период, ЗМАИ ќе работи со победничкиот тим и останатите тимови на промоција на нивните решенија.

„Очекувавме квалитетни решенија, но тимовите ги надминаа нашите очекувања. Дел од креациите вклучуваа платформи кои со помош на вештачка интелигенција одговараат на прашања со графикони и податоци; анализа на ефектите од младинската гаранција во однос на вработливоста на кадрите и платата која се остварува по излегување од програмите; анализа на факултетите, бројот на запишани студенти, полот на запишаните студенти и очекуваните плати, и други. Секое решение има огромна применливост. Планираме да работиме со тимовите на промоција на нивната работа, но и на спроведување на решенијата кои ги создадоа“, истакна Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.

ДатаТон-от е поддржан од активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Според Филип Илиев од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, интерпретацијата на податоци е многу важна во насока на носење политики кои даваат резултати.

„Драго ми е што сите пет тимови кои учествуваа беа и креативни, но истовремено нивните решенија се применливи. Тоа е и една од главните цели на нашето работење – да ги поддржиме младите да ги развиваат своите способности и преку иновативност да придонесат за позитивни општествени промени“, изјави Филип Илиев од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

ДатаТонот е дел од серијата настани со кои Здружението прославува 10 години постоење и работа на македонскиот пазар. Преку настаните под слоганот #ПодатоцитеЗборуваат, ЗМАИ сака да отвори 10 важни општествени теми.

Оваа недела е посветена на младите и нивниот придонес кон општеството. Во недела, ЗМАИ ќе има своја станица на Скопскиот маратон, каде ќе ги бодрат маратонците и ќе промовираат меѓусебна поддршка, здрави навики и интеракција.