Волонтери ангажирани за помош на стари лица во време на пандемија

Даниела, Ѓоко, Предраг, Никола, Анастасија и Гзим се само неколкуте волонтери во мобилните тимови на Црвениот крст и Општина Охрид кои деновиве им пружаaт услуги на своите сограѓани како набавка на прехранбени продукти, средства за лична хигиена и лекови и плаќање сметки за режиски трошоци,

Волонтерите на подрачјето на градот Охрид веќе неколку дена им помагаат на старите и изнемоштени лица и на лицата со специјални потреби, и лицата во самоизолација директно до нивниот дом, откако властите секојдневно апелираат граѓаните да останат дома, и да помогнат во успорување на новиот коронавирус за кој веќе е прогласена пандемија.

„Секој тим е составен од два до три членови, во моментов, 4 лица вработени во Општина Охрид и 16 лица од Црвен крст Охрид, вработени, волонтери и припадници на Планинската спасителна служба се подготвени да одговорат на барањата на граѓаните и излегуваат на терен по потреба, во зависност од фреквенцијата на повици од граѓаните“, велат од Црвен крст – Охрид за Радио МОФ.

(фото: Црвен крст Охрид)

Мобилните тимови, појаснуваат, се активни секој ден од неделата, а нивните услуги се бесплатни, односно граѓаните го надоместуваат само трошокот за набавените производи.

Деновиве откако се формирани тимовите, до нив стигнале повици за достава на околу 45 семејства. Граѓаните, пак, кои ги искористиле ваквите услуги, изразуваат задоволство од нивната работа.

„Овие тимови ќе дејствуваат сè додека за тоа има потреба“, посочуваат од Црвениот крст.

Оттаму со апел ги повикаа граѓаните да останат во своите домови и да побараат поддршка од мобилните тимови, доколку им е потребна.

(фото: Црвен крст Охрид)

„Граѓаните кои имаат потреба од нивна помош, можат да стапат во контакт со Црвен крст Охрид од 8 до 16 часот на следниве телефонски броеви: 046 261 909, 070 315 309, 13 112 (скратениот број на Планинската спасителна служба)“, велат од Црвениот крст.

Инаку, Црвениот крст има формирани вакви тимови во повеќе македонски градови, чии контакт броеви се во продолжение.

М.К.