Млади за Скопје: Концерт на Андреј Татарчевски и изложба на Бурџу Мусли

Петтиот настан „Млади за Скопје“ ќе се одржи утревечер (9 мај) на уличката пред „Ла Кања Бар“ во Старата скопска чаршија, со почетокот во 18 часот.

На него ќе се претстават музичарот Андреј Татарчевски и уметницата Бурџу Мусли.

Андреј Татарчевски е роден 1996 година во Битола. Рано во животот се сели во Скопје, каде почнува да свири виолина, за потоа да се пренасочи кон гитара и пијано.

Средното образование го завршува во СУГС „Георги Димитров“, а студиите ги продолжува на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, Скопје. Низ сите години музиката останува присутна, па така Андреј составува домашно студио каде снима и продуцира музика.

Компонира и продуцира музика за неколку кратки филмови. Во декември 2020 година го издава својот прв албум насловен Cycle 1 (Циклус 1), кој е спој на музика креирана во интервал од 3 години.

Бурџу Мусли родена на 27.08.1997 е уметница од Скопје и апсолвентка на Факултет за ликовни уметности – сликарски оддел.

Има учествувано на неколку групни изложби со нејзините слики; на една меѓународна изложба за млади уметници – Art 52nd Street (New York- 2019) со арт-колаж; и една самостојна изложба. Последната изложба и беше во галеријата во МКЦ со 20 арт-дигитални-колажи. Истовремено има посетувано 5 години латино и стандард танцови од кои има освоено и доста награди.

Настанот ќе се одржи под посебни безбедносни и здравствени мерки, дефинирани во протоколот за организација на јавни настани.

Капацитетот на публика е строго ограничен во согласност со протоколот на владата.