Седмиот настан „Млади за Скопје“ ќе се одржи утревечер (4 јули) на уличката пред „Ла Кања Бар“ во Старата скопска чаршија, со почеток во 19 часот.
Ќе настапат бендот „Луфтханза“, а свои дела ќе изложува уметницата Јана Русевска.
„Луфтханза“ е бенд составен во 2020- та година. Се состои од Иво Николовски, Андреј Димовски, Лука Јованоски, Виктор Стојановски, Раде Биковски и Мартин Џорлев. Свират пост панк, психоделичен рок и сѐ што ќе им дојде во моментот. На 5-ти април 2021-ва го извадија својот прв албум насловен „Демо Тејп I”.
Јана Русевска е ликовен уметник кој најмногу се занимава со графика и графички дизајн. Инспирацијата ја црпи од секојдневниот живот и меѓучовечките комуникации и односи. Најчесто работи со контрасни бои и целта и е да постигне големо и позитивно влијание врз другите и да ги натера на размислување.
Организаторите нагласуваат дека настанот ќе се одржи под посебни безбедносни и здравствени мерки, дефинирани во протоколот за организација на јавни настани.