Шестата концертна епизода од серијалот „Млади за Скопје“ ќе се одржи во сабота (24 јуни), повторно во „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија.
На музичкото мени овој пат е „Vagina Corporation“, за кој „Млади за Скопје“ велат дека е пост-панк/експериментал бенд кој нема да ве остави рамнодушни.
Албумот „Време е!“ прв пат беше објавен во април 2022 година како самостојно издание на Бендкемп, а потоа во октомври реобјавен и под закрила на независниот лабел „Шарла“.
Лука Јовановски од „Vagina Corporation“ во разговор за Радио МОФ лани посочи дека го започнал како негов соло проект, кој го стартувал контра мрзата, желбата за бегство од одговорност и продуктивност, и стравот од искреноста.
„Песни кои поради огромната креативност на моите сосвирачи и пријатели од бендот ‘Луфтанза’ и големиот уметнички излив кои го имаме кога сите сме заедно, не можеа да бидат исвирени или пробани на проба, па чмаеа во хард драјвот чекајќи го денот тој да рикне и никогаш да не видат бел екран“, рече лани Јованоски.
„Vagina Corporation“ меѓувремено правеа свирки, а Лука и бандата по албумот имаа и нови песни, меѓу кои неодамна и спот за темата „Статуа“.
Инаку, стартот на настанот во „Ла Кања“ е во 21 часот, а влезот е донации.
Бојан Шашевски