Младите од Струмица, вчера на плоштадот во центарот на Струмица ја реализираа својата локална младинска кампања „Слобода е да немаш предрасуди“.
„Да се живее во демократско општество значи секој да има право на свое мислење, на свое изразување, на свој начин на живеење. Предрасудите однапред осудуваат и создават услови за дискриминирачко однесување кон секој што е поразличен. Тие нѐ оддалечуваат едни од други. Тие сакаат да ги поништат разликите меѓу луѓето. Секој кој размислува поинаку, кој се облекува поинаку, кој има „откачена“ фризура, кој послободно и поразлично се однесува, кој пие сам кафе во јавност е предмет на озборување и осуда. Затоа, младите од Струмица, решително порачаа: Стоп за предрасудите!“, велат организаторите.
Сите присутни млади луѓе и граѓани, во периодот од 12 до 14 часот имаа можност сами да си направат маичка со некоја порака за борба против предрасудите. На таблата за слободно изразување „Слобода е…“ можеа слободно да ги искажат своите ставови што за нив претставува слободата, а можеа и сами да пијат кафе во рамки на акцијата: „Сам/а на кафе, па што!“.
„Ниту струмичани не се имуни на предрасуди. Така, ако имаш пирс, или си малку хипи облечен ти си наркоман, ако си тетовиран ти си затвореник или ако некоја девојка се облече убаво и со стил таа е спонзоруша. Овие, но и низа други предрасуди ни ја земаат слободата во секојдневието. Најдобар лек против предрасудите е слободата, а за неа треба да се зборува и да се освојува. Оттука и нашата порака од овој хепенинг е „Слобода е да си различен, а еднаков со сите” – рече Горан Сачевски, волонтер во Младинскиот образовен форум од Скопје.
Кампањата „Слобода е да немаш предрасуди“ се реализира во рамките на проектот „Млади промотори на слободата на изразување“. Проектот го релизираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум, а е поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права.