Повеќе од 60 млади истражувачи, новинари и активисти од петнаесеттина земји ќе дебатираат на темите медиумска писменост, интеграција и младински активизам во рамки на младинскиот форум „Претставување на бегалците и мигрантите во новите медиуми во Југоисточна и Централна Европа“, организиран од Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, а поддржан од Вишеградскиот фонд и Централно-европската инцијатива.
Настанот ќе започне во петок (31 март 2017) во 10 часот во хотел Контнентал – Скопје, а кој ќе трае два дена, при што ќе бидат промовирани и конкретни иницијативи и проекти кои помагаат за разноликоста, но и за интеграцијата на мигрантите и бегалците во овој дел на Европа.
„Младите ќе ги претстават своите размислувања за тоа како новите медиуми известуваат за бегалската и мигрантската криза, ќе зборуваат за своите искуства од работата на терен со мигрантите и бегалците, како и ќе ги споделат своите животни приказни“, велат од „Младиинфо“.
Една од иницијативите кои ќе бидат презентирани на настанот е „Граѓански марш за Алепо“ (http://civilmarch.org/).
„Граѓанскиот марш е идеја на млади луѓе претежно од Полска и Германија кои во декември тргнаа пешки од Берлин преку балканските земји и Турција со цел да стигнат што поблиску до Алепо и да ја подигнат свеста на јавноста за случувањата во Сирија. Маршот пристигнува во Македонија во април, а новинарката и активистка Ана Албот, која стои позади идејата ќе ја презентира нивната цел и резултати. ‘Граѓанскиот марш за Алепо’ го привлече вниманието на јавноста во Германија и Полска каде што Ана Албот е најмногу активна, но и го предизвика вниманието на повеќе светски медиуми“, соопштуваат од „Младиинфо“.
Инаку, по отворањето на форумот ќе следуваат три панел дискусии за лоши и добри практики во (новите) медиуми, медиумска писменост и младински активизам, а на крајот од Форумот ќе бидат презентирани насоки и препораки за подобро известување во новите медиуми, како и за промовирање на разноликоста.
За време на Форумот ќе биде отворена и изложба со наслов „Разноликоста и интеграцијата видена низ призмата на младиот човек“ на која ќе бидат презентирани 30 најдобри фотографии од млади фотографи од Централна и Југоисточна Европа.