Пред точно 67 години, на 1 април 1946 започнале подготовките за првата голема „младинска работна акција“ во поранешна Југославија – изградбата на пругата Брчко – Бановиќи, во Босна и Херцеговина. 1 април со децении се одбележувал како ден на работните акции, кои тогаш биле основа на изградбата на новата држава. Од денешна гледна точка, овие акции претставуваат социјален феномен на едно време, кој е интересен за разгледување и споредба.
Младинските работни акции настанале уште за време на Втората светска војна, а особено биле популарни по ослободувањето. Целта на акциите била да се искористи младинскиот потенцијал и сила за обнова на новата држава, за закрепнување на стопанството, инфраструктурата и изградба на научни, спортски и културни објекти. Во првите повоени акции учествувале милиони млади луѓе, кои граделе патишта, фабрики, железнички пруги, дури и цели градови.
Се почнало со пругата Брчко – Бановиќи, на која 62.000 млади луѓе работеле неколку месеци, пробиле три тунели и изградиле 90 километри пруга ,гордо истакнувајќи ја паролата: „Ние ја градиме пругата, пругата не гради нас“.
На изградбата на пругата од Шамац до Сараево работеле безмалку 250.000 млади од цела тогашна Југославија. Сличен број млади „бригадири“ за шест години го изградиле и автопатот „Братство – единство“, кој и денеска ги поврзува земјите од некогашната држава, од Гевгелија до Љубљана.
Во еуфоријата која ја зафатила југословенските простори по ослободувањето, младинските работни акции биле полигон за демонстрација на пожртвуваност, несебичност и желба да се изгради младата држава. Токму ова денеска го издвојуваат учесниците во работните акции од 40-те и 50-те, кои сведочат дека според бројноста и организираноста, акциите биле голем успех. За време на овие огромни проекти, голем број млади луѓе се специјализирале за одредена работа, а потоа добивале дипломи и наоѓале вработување.
Неколку децении откако била изведена последната младинска работна акција (1981), денешните млади не ни помислуваат да работат бесплатна, тешка физичка работа за време на својот летен одмор. Постои волонтерство, но во неговото модерно значење, овој збор не е доволен за да ги опфати сите аспекти на некогашните младински работни акции.
Сепак, изгледа дека концептот на овие акции, поникнат и развиен во социјалистичките земји, се уште не го исцрпил својот потенцијал. Во Европа, младинските работни акции, иако не во толкав обем, зачестуваат последниве години, а слични идеи се појавија во регионов, но и во Македонија. Сепак, „акцијашкиот“ дух денеска вистински живее само во ретките преостанати бастиони на комунизмот, како во Северна Кореја.