„Активизмот е начин на живот. Вие не сте активист два часа во денот , кога ќе отидете на работа или во училиште, туку сте цел ден и кога си одите од работа, од училиште или кога ќе видите било каков вид на неправда на вашата улица или во соседството. “
Со овие зборови новинарката Ана Јовковска ја отвори панел-дискусија на тема „Младински активизам и слобода на изразување“ која вчера се одржа во Велес, пренесе порталот МладиВе. Целта на настанот инициран од средношколците на Медиа – Арт клубот при центарот на Младински образовен форум од Велес беше да се развие дебата за слободата на изразување и креативните форми на младинскиот активизам.
Според Димитар Апасиев, од здружението „Ленка“ , проблемот на активизмот во земјава е поврзан со транзицијата и зголемените класни разлики.
„Вие градите активизам во средина, помеѓу луѓе кои постојано се богатат и оние кои осиромашуваат, кога луѓето немаат пари да дојдат од Велес во Скопје на пример за да учествуваат на протест. Од друга страна системот ви го наметнува комплексот на вина. Тоа што си сиромашен ти си крив, не си учел на времето. Значи ви наметнува зад наводната уставна еднаквост или фасада да ѕирка потчинетост“, истакна Апасиев на дискусијата.
Јовковска смета дека активизмот е форма на отпор, но отпор кој пред се треба да е наменет кон моќните, да го застапува гласот кој е маргинализиран и кој треба да им даде глас на послабите во општеството.
„Така ја гледаме и улогата на интелектуалецот. Таа е одговорност што треба да ја понесат јавните личности, да бидат одговорни и да зборуваат во името на оние кои тешко можат да го артикулираат сопствениот глас во општеството. Јас интелектуалците ги делам на органски и салонски. Првите постојано имаат потреба да се сомневаат во работите поради прогрес, слободарски идеи и имаат потреба постојано да го грицкаат општеството и да подриваат одвнатре“, додаде Јовковска.
Присутните пројавија интерес на темата, зборуваа и ги изнесоа своите ставови поврзани со темата, развија дискусија, а дел од нив побараа и совети од говорниците, како тие би пристапиле кон решавање на одредени проблеми.