Младинскиот активизам треба да се развива уште во локалните маала

Преку шест акции низ Македонија во изминатите месеци, клубовите Артивизам на Младински образовен форум (МОФ) се обидоа да ги поттикнат младите да излезат од комфорната зона, од својот „меур“ и да се заангажираат за проблеми од својата околина. Односно, младите да бидат проактивни, солидарни и креативни, а после тоа да се транформира во една колективна ангажираност за социјални, образовни, културни, еколошки, или воопшто меѓучовечки промени. Пред се’, на локално ниво, сите да тргнат од основните проблеми од соседството, од маалото, бидејќи тука почнува дејствувањето на заедницата и настануваат прогресивни проекти.

Според Панде Ефтимов, координатор на програмата Младински активизам на МОФ, клубовите покажале извонреден граѓански ангажман и креативност преку различните акции предводени од младите и иницирани од младите.

„Овие млади активисти водеа серија влијателни граѓански акции, истакнувајќи ја нивната посветеност за поттикнување позитивни промени и ангажирање на заедницата. Овие колективни напори на клубовите Артивизам ја истакнуваат посветеноста на младите за решавање на критичните општествени и локални прашања преку иновативни граѓански акции“, посочува Ефтимов.

Акции низ Македонија

„Во езеро пливај, а отпадок рециклирај“, порачаа младите во Охрид, кои организираа акција за подигање на свеста за заштита на Охридското Езеро и животната средина.

Тие изработија скулптура од рециклирани материјали преку која пренесоа јасна порака против загадување на Охридското Езеро. Исто така, на кејот во Охрид беше поставен и штанд на кој граѓаните можеа да споделат идеи како може да се заштити езерото или пак што може да се прави со отпадот.

„Одлучивме да ја направиме оваа скулптура на која се покажани некои работи кои многу често се фрлаат во Охридското езеро и кои наместо да бидат таму би можеле да се рециклираат. Можат да се направат уште милион вакви работи со кои можеме да си го зачуваме нашето езеро да не ни биде загадено“, кажа на акцијата Сара Петкоска, член на Клубот за младински активизам од Охрид на МОФ.

Во Делчево, членовите на Клубот на МОФ заедно со нивни нивни врсници цртаа мурал на тема Заштита на животната средина, покажувајќи ја нивната креативност на дело.

„Муралот има за цел не само да го разубави градот, туку и да поттикне разговори за одржливите животни практики и да инспирира други еко-акции кај останатите млади. Преку уметност, тие ја покажаа моќта на колективната акција во поттикнувањето на позелена, поживописна заедница за сите“, рекоа младите активисти членовите за акцијата.

Артивизам клубот во Скопје одржа интерактивна работилница со невладината организација „Доза среќа“, која работи со млади луѓе со Даунов синдром.

„Оваа работилница обезбеди уникатен простор и платформа за социјализација, меѓусебно учење и разменување идеи. Членовите од двете организации соработуваа за да создадат креативни дела по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на планетата Земја. Овој настан не само што ја поттикна инклузивноста, туку и ја истакна важноста на грижата за животната средина“, соопштуваат активистите.

 

Фото: Доза среќа / Фејсбук

 

„Вози велосипед, немаш планети пет“ беше мотото на младинска акција во Струмица, чија цел беше да се подигне свеста дека во овој град постојат велосипедски патеки и тие треба да се користат. Притоа, да се намалува автоцентричноста и луѓето да се стимулираат да излезат од комфор зоната на своите моторни возила, со кои патем го загадуваат и узурпираат јавниот простор.

Со акцијата на Денот на планетата земја се одржа и вело-марш, на кој беше претставен и велосипедот „Велко“, достапен за достава на книги низ Струмица.

Младите од Гостивар на креативен начин ја подигнаа свеста за важноста од спречување корупција преку младинската акција „Ало, сакам да пријавам корупција…“

За време на акцијата, младите поставија интерактивна инсталација во форма на телефон преку кој присутните можеа да ги споделат нивните искуства поврзани со корупција.

Врсничкото насилство беше во фокусот на акцијата на младите од Струга. Тие подготвија онлајн кампања на истата тема што ја мапираа како најголем проблем и предизвик помеѓу младите стружани.

„Младите активисти работеа на уметничка инсталација, која имаше за цел да ја шири пораката против врсничкото насилство и да промовира мир и толеранција помеѓу младите. Тие поставија платно на кое пишуваше ‘Во свет во којшто можеш да бидеш било што, биди љубезен!’“, информираа од МОФ.

Инсталацијата беше поставена на Дрвениот мост во Струга, а во иницијативата учествуваат над 20 струшки средношколци.

Сите овие акции беа правени со поддршка на МОФ и Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Истражувањата покажаа зошто е нужен локален младински активизам

Потребата за проактивност, ангажираност и младинско учество, на линија со должности кон заедницата, може да се увиди доколку се погледнат неколку истражувања врзани за Македонија.

Главните наоди од студијата „Потреби на младите на локално ниво”, спроведено  од Здружението „Младите можат“, покажаа дека огромно мнозинство од младите никогаш не биле вклучени во решавање на некаков проблем во својата општина. Односно 70.4% (Аеродром), 79.8% (Ѓорче Петров) и 72% (Карпош).

Исто така, истражувањето „Младинско статус кво – 10 години стагнација“ на МОФ потврди  дека за половина од младите грижата кон заедницата не е нивна обврска – релативно е мал интересот за граѓански ангажман, а една четвртина од средношколците не би учествувале во волонтерски активности.

Една третина беа на ставот дека „ништо нема да сменат“.

Над 70 отсто од средношколците изјавија дека сметаат дека другите луѓе ќе се обидат да ги искористат. Уште повисок е бројот кај студентите, 86 отсто, кои сметаа дека при комуникација, другите луѓе нема да бидат фер.

Според друго истражување на МОФ и ВФД, „Социо-политичко учество на младите“, само 8 отсто од испитаните млади биле вклучени или консултирани од институциите при носење на одлуки на локално и централно ниво. Ова, истовремено ја покажува и недовербата кон донесувачите на одлуки.

Во поглед пак на должностите од Законот за младинско учество, анализите покажаа негова слаба имплементација. До втората половина на 2023 година, преку Законот, локални младински совети беа формирани во 19, локални центри  во 7, додека канцеларија за млади – во само 1 од вкупно 80 македонски општини. Ова се маханизми што на младите би им овозможиле демократско учество на локално ниво, но и да се спојуваат, дружат и стануваат активисти наместо пасивни набљудувачи.

Исто така, младинските организации посочија дека теренските активности им се намалија за 80% во време на ковид-пандемијата. Ова значи, требале да ја реобмислуваат врсничката едукација, имале ограничување на волонтерски иницијативи, пропаднати пракси, но и помалку работа со млади токму на локални акции во заедницата.

Бојан Шашевски