На 6 март од 20 часот во Кино Култура ќе се одигра претставата „Хадерсфилд“ по текст на Угљеша Шајтинац во продукција на Младинскиот Алтернативен Театар – МАТ.
Дејството на претставата е сместено во мал град во Војводина. Монотониот живот на Раша, Иван и Дуле е прекинат со доаѓањето на Игор, кој од почетокот на деведесетите живее во Хадерсфилд. Се поставува прашањето: Во која мера изборот да се оди или да се остане ги одредува судбините и животните филозофии на секој од ликовите?
„Оваа драма, на триесетгоднишници, со еден нов речник, не особено богат и разговорилив, но убедлив и несрамежлив. Без експлицитност, ако ги иземеме пцовките и речникот на гадење и презир. Нови циници и побуненици. Големи градови и мали, тесни, смачени и тегобни животи..животна, речиси документарна пустош, и над неа, или меѓу редови, траги на негазена човечност и уште неизгасени љубови, топлини, сочувство и разбирање. Претстава од млади за млади. Со богат арсенал на пцовки, а нежна претстава, без сентимент и среќа, али со жал за духовноста која пополека изумира… Пцујам, а да пеам би сакал(а)“, посочуваат организаторите.
Во претставата играат: Хари Михајловски, Томислав Давидовски, Сара Анастасовска, Чедомир Митевски. Мишо Димитријевски и Зоран Митровиќ. Режијата е заедничка на актерите вклучени во претставата.
Хадерсфилд е прв проект на МАТ, воедно ова е прво изведување на текстот во Македонија. Премиерата на претставата беше во декември во Скопје, а во јануари претставата гостуваше со две изведби во Домот на Култура во Ресен.
Цената на билетот изнесува 200ден. Резервации може да се направат преку телефоните: 078-434-996 и 070-564-080 или на мејл: kinokultura2015@gmail.com