Младинскиот оркестар на Европската унија (EUYO) доаѓа во Скопје каде на 20 август(вторник) ќе одржи концерт во Македонската опера и балет. Концертот, чиј влез е бесплатен е закажан во 20 часот, а на него ќе бидат изведени „Покана за танц“ на Карл Марија фон Вебер, свита од “Приказна од западната страна” на Леонард Бернштајн и “Петрушка” на Игор Стравински.
Оркестарот во светот го нарекуваат „Совршениот симбол на ЕУ“ чии членови доаѓаат од сите 28 земји членки. Од оваа година EUYO започна партнерство со Скопско лето со цел да создаде три годишна програма за развој помеѓу EUYO и бројни културни организации во Македонија, вклучувајќи ги пратнерите Скопско лето и Музичката младина на Македонија. Целта на проектот е да се продлабочат културата и културните односи помеѓу Македонија и Младинскиот оркестар на Европската унија (EUYO). Проектот ќе вклучува формални и неформални настани, едукативни работи, културни изучувања и размени, помош при развитокот на фестивалот, и проекти кои би довеле сорабатка меѓу младите музичари од 28-те членки на Европската унија и младите музичари од Скопје а исто така и од целиот регион.
Младинскиот оркестар на Европската унија (EUYO) уште од своето основање од првиот музички директор Калудио Абадо, се разви во најпрестижниот и најдинамичниот оркестар во светот, поврзувајќи ги музичките академии со професионалниот музички свет за скоро 3000 студенти. Илјадници музичари на возраст помеѓу 14 и 24 години од земјите членки на Европската унија учествуваат на аудиција секоја година со цел да се приклучат на оркестарот, а дипломците од EUYO ја продолжуваат својата кариера во многу од водечките светски оркестри. EUYO има настапувано низ целиот свет со едни од најдобрите имиња во класичната музика, вклучувајќи ги Даниел Баренбоим, Леонард Бернштајн, Херберт фон Карајан, Мстислав Ростропович.
Во продолжение, погледнете како изгледаа настапите и аудициите за EUYO низ европските земји.