„Живеам за театарот, созревам и учам, театарот ја буди уметноста во мене“. Вака ни ја опиша театарската приврзаност и љубовта кон актерството младата Марија Јовеска, една од членовите во аматерскиот младински театарски центар (МТЦ) „Зона“ од Прилеп, кој постои повеќе од осум месеци.
Овој театарски центар е место каде 27 основци и средношколци со поддршка на нивните ментори а воедно и основачи на „Зона“, актерите Марија Спиркоска Илијеска и Даниела Иваноска како и професорот по македонски јазик Мартин Наумоски ги покажуваат своите театарски вештини.
Иако работи со сопствени сили и финансии, МТЦ „Зона“ досега има една премиера и реприза на претставата „Чернодрински се враќа дома”, додека втората, „Малиот принц“ е во фаза на подготовка. За претставата „Чернодрински се враќа дома” центарот се закити и со прва награда за колективна игра на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани.
Основачите на овој младински театарски центар, велат дека потребата и потенцијалот на градот за основавање на еден ваков центар биле нивна најголема инспирација.
„На почетокот на 2024 година, поточно крајот на јануари го започнавме процесот на спремање на две претстави. ‘Чернодрински се враќа дома’ е претставата на средношколската група додека ‘Малиот принц’ ја работат основците. На 25 мај претставата ‘Чернодрински се враќа дома’ се играше и на ДАФ Кочани каде ја освои својата прва награда, ‘Награда за колективна игра‘. Тоа само кажува дека и настапите во Прилеп и во Кочани се повеќе од успешни за нас“, ни раскажа професорот Мартин Наумоски и додаде дека сите досегашни проби ги држеле во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“ и во театарот „Војдан Чернодрински“.
Членовите на МТЦ „Зона“ за Радио МОФ раскажаа дека инспирацијата за театар ја имале од мали нозе. За нив „Зона“ е место каде има многу учење, работа, забава но и место каде театарот може да се чувствува.
„Уште од најмали нозе, гледајќи ги македонските народни приказни, „Солунски патрдии“, а подоцна и првото присуство како гледач на претстава, се роди љубовта кон театарот. Самата идеја која ја слушнав за создавање на МТЦ ‘Зона’ за место каде ќе се работи со професионалци во својата насока, а пред се ќе се ужива, беше повод да станам член од ‘Зона’“, ни рече Филип Стојаноски, еден од членовите на „Зона“.
Со нас споделија дека во театар најмногу ги влече дружбата, слободата и театарската сцена.
„Во театар најмногу ме влече глумењето и самиот процес во создавање и подготвување на една претстава исто така и дружбата и блискоста која се стекнува во текот на тој процес“, рече Ангела Чупетреска, членка на „Зона“
„Дружењето меѓу истомислениците, самиот процес на создавање ликови и визуелизацијата на самиот текст. Театарот создава едно чувство на слобода, на исполнетост на душата“, додаде Филип Стојаноски
Како што ни открија најтешкиот момент во целиот процес на учење и креирање на театарска претстава е играта со емоции и промената на неколку улоги во една претстава.
„Игра со емоции, тој органски процес каде што треба да го почувствуваш она што би го чувствувал твојот лик. Затоа и се пробуваат различи начини за да се изигра едно дејство или сцена, со цел да се види кога ќе се почувствуваш најдобро и точно. Тој процес на влегување во улога е интересен процес, но е тешко. Посебно кога во една претстава еден треба да игра повеќе улоги. Но, баш тоа ме прави позаљубена во театарот. Запознавам различни карактери во различни ситуации“, ни раскажа Марија Јовеска.
Инаку, сценографијата, костимографијата и музиката за претставите се во продукција на МТЦ „Зона“ со помош од НУЦК “Марко Цепенков” – Прилеп, народниот театар “Војдан Чернодрински” и режисерот Кирил Петрески.
Симона Паскоска