Младинското учество поместено од статус кво, но младите остануваат апатични

Младите имаат мала доверба во институциите и во своето дејствување примарно се упатени на примарните групи – семејството и пријателите. Над 80 отсто од младите никогаш за време на нивното образование немале обврска да ги следат тековните општествени настани. Младите не се учат да размислуваат критички и да преземаат одговорност за случувањата во нивната околина, а довербата во општествените институции има тенденција на опаѓање со стапувањето на младите во возрасно доба.

Ова беа дел од резултатите споделени на денешната онлајн конференција на Младинскиот образовен форум на која беше презентирано истражувањето за состојбата со младинскиот социјален капитал во земјата, насловено „Младинско статус кво – 10 години стагнација“. Резултатите од истражувањата беа презентирани пред претставници на државни институции и младински организации.

Истражувањето на Марија Димитровска и Мартина Илиевска, упатува на недостиг од овозможувачка околина за развивање на социјалниот капитал на младите.

„Над 70 отсто од средношколците изјавиле дека сметаат дека другите луѓе ќе се обидат да ги искористат. Уште повисок е бројот кај студентите, 86 отсто, кои сметаат дека при комуникација, другите луѓе нема да бидат фер“, констатираше Димитровска, нагласувајќи ја присутната апатија на младите.

Повеќе од половина (54 отсто) од средношколците никогаш не учествувале во решавање на проблем во нивната заедница. Половина од младите сметаат дека грижата кон заедницата не е нивна обврска – младите покажуваат релативно мал интерес за граѓански ангажман, а една четвртина од средношколците не би учествувале во волонтерски активности.

Во рамки на анкетното истражување учество земале 1960 ученици од средните училишта во земјата и 1833 студенти од јавните високообразовни установи.

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, посочи дека резултатите од истражувањето се мрачни, дополнувајќи дека кон младите се иднината, но истовремено и огледало на нашето општество.

„Пораките кои ги слушаме од истражувањето се слика и огледало на денешницата, овие проблеми може да се увидат и во други држави во Европа, но најважно е дека младите луѓе бараат подобро образование, зачувување на животната средина, потранспарентни институции како и да бидат вклучени во процесот на носење одлуки а со цел да се слушне нивниот глас“, изјави Амбасадорот.

Според министерката за образование, Мила Царовска, најзагрижувачки е фактот дека младите не ги изразуваат своето критичко мислење поради страв од намалување на оценките, бидејќи тоа отсликува општество во кое секое поразлично мислење може да е санкционирано.

„Во моментов се уште се наоѓаме во образовен систем кој нуди знаења за факти со недостаток на образование кое поттикнува критичко размислување. Затоа е значајно да поминеме од фактографско знаење во учење кое поттикнува критичко размислување и да создадеме граѓани кои ќе ги предизвикуваат постојните позиционирани факти за да постигнеме развој во општеството“, нагласи Царовска.

Од Агенцијата за млади и спорт најавија дека периодов ќе се посветат на имплементација на Законот за млади, во чии рамки, меѓу другото планираат опремување и отворање на четири младински центри кои ќе започнат како пилот проекти во Куманово, Велес, Битола и Кавадарци.

Младен Фрчкоски, раководител на одделение за пазар на трудот,  се осврна кон веќе воведените мерки за младинско учество и видливост, меѓу кои и Гаранцијата за млади воведена во 2017 година, паричните симулации за млади до 23 години во индустријата, отворањето на младинските совети, како и програмите за грантови за самовработување.

Јован Јаулески,  координаторот на клубот на млади пратеници во Собранието, истакна дека исклучително е важно за подмладоците на политичките партии е да бидат отворени кон младите луѓе и нивниот глас да биде слушнат, додавајќи дека сениорските партиски структури треба да се отворени за идеите кои доаѓаат од младите луѓе и политичките подмладоци.

„Законот за младинско учество и младински политики е добро законско решение, но она што мене ме загрижува е неговата имплементација. Пред некој ден истече една година од носењето на законот, па би сакал да апелирам институциите да имаат поголема ажурност, се со цел да се видат побрзо позитивните ефекти“, рече Јаулески.

Бојан Петровски, претседателот на Националниот младински совет заклучи дека младинската позиција во општеството е тргната од мртва точка, но и тој ја истакна својата загриженост поради доцната имплементација на Законот за млади.

„Работата е мрдната од мртва точка поради сегашната легитимност во претставниците кај средношколците и студентите, носењето за Законот за млади со кој беше постигнат и национален консензус. За разлика од претходно преку него имаме законска основи и законска регулација за непостапувањата по закон. Сепак, тој доцни“, заклучи Петровски.

На конференцијата беше презентирана и Младинската декларација – документ составен од млади чија цел е да се адресираат предизвиците со кои се соочуваат младите во областите образование, младинска невработеност, слобода на изразување, младинско учество, животна средина и препораки како истите да бидат надминати.

И.С.