Повеќе млади бендови и изведувачи, дел од новиот музички бран што ја размрдаа и освежија домашната независна сцена во изминативе неколку години, се здружуваат како „Гола планина колектив“.
„Бран. На преминувањето од 2019та во 2020та година не ни замислувавме нашите средношколски бендови што свиреа во ‘Дуња’ и по подруми ќе добијат голема фестивалска сцена, а не ни нишаневме на тоа. Ние бевме за другарството, познавањата, муабетите и седенките, каде што сите пројдовме-заминавме, дојдовме и останавме. Сите се фативме за рака и заедно тргнавме со една цел, сите да сме заедно, независни. Гола планина порасна во претходната година, и требаше капка надеж за да се разбуди и почне повторно да функционира во полна пареа. И затоа, ние се поврзавме еден со друг, дадовме многу време и енергија за ова да функционира. Само со една мисла: АКО НЕ СЕГА, КОГА? И АКО НЕ НИЕ, КОЈ?“, велат од колективот.
Од таму посочуваат дека „Гола планина колектив“ во 2023 година прераснува во независна музичка мрежа / медиум на новиот бран во Македонија.
„Имаме нови изведувачи и бендови, се ребрендиравме со нов визуелен идентитет, нови проекти и замислувања за иднината, се’ уште ги застапуваме идеалите на нашиот колектив и продолжуваме активно да ја следиме сцената. Бидете подготвени за година полна случувања!“, велат од тимот на „Гола планина колектив“.
Во „Гола планина колектив“ за почеток учествуваат Луфтанза, Cut your nipple, Corrosion, Zanadu, Xajka, Basement Cult, Zulu 3.4, AТА, Dimish, Стој, после!, Дивоградба, Vagina Corporation, KEM, со можност за проширување во наредниот период.
Бојан Шашевски