Младите бараат европски решенија за одливот на мозоци од регионот

„Одливот на мозоци е нашиот најголем проблем, особено овде на Балканот.“ Адресирајќи го овој проблем, Анита Трегнер Млинариќ ја отвори денешната пленарна седница на седумнаесеттата Меѓународна младинска конференција која се одржува од 26-30 септември во Крушево.

Седницата се фокусираше на се поголемиот одлив на млади од регионот и на причините кои ги тераат на ова. Во својот говор Млинариќ ја објасни улогата на ЕУ кога станува збор за големата мобилност кај младите.

„Државите од овој регион не прават многу за да ги натераат младите да останат или пак оние кои заминале да се вратат“, забележува таа.

Според неа, соработка со ЕУ на ова поле е одлична почетна точка. Како државјанин на Хрватска, таа го наведе примерот со нејзината земја и напредокот на ова поле преку ЕУ.

„Тешко е да си изолиран и се да правиш сам“, дополнува таа.

Сесијата ја продолжи Зоран Попов, виш политички советник во Советот за соработка во регионот кој се задржа на интересите и ставовите кај младите. Подобра инфраструктура, инвестирање во наука и технологија се само дел од нив.

„Анкетите покажуваат дека младите најмногу се загрижени за големата невработеност и слабото знаење кое го добиваат во текот на образованието“, објасни Попов.

Дел од статистиките кои ги предочи на седницата покажуваат дека од земјава само во 2018 година се отселиле повеќе од 24 илјади граѓани. Голем дел од нив на возраст од 18 до 35 години. Ова според него станува сериозен епидемичен проблем кој мора да се реши преку поголема соработка на државните институции со младите.

„Никој за ништо не ги прашува младите“, дополнува тој, „а тие не само што се дел од проблемот, туку се и дел од решението“.

Третиот и последен говорник за оваа сесија беше Ивана Туфегџиќ, пратеничка во парламентот на Северна Македонија. Таа како најголемиот проблем, кога станува збор за креирање на политики кои ги засегаат младите, го посочи недостатокот на квантитативни истражувања. Сепак, вели пратеничката,  силна иницијатива и интерес од двете страни може да донесе до решение.

„Најважно е да почнеме да градиме доверба во институциите“, дополнува таа. „Ова ќе биде долг и тежок процес, но верувам дека можеме и подобро“.

По завршувањето на сесијата, членовите на конференцијата беа поделени во три групи со кои секој ден до крајот на конференцијата ќе работат заедно на работилниците предвидени во програмата на настанот. Во овие работилници тие ќе работат на развој на идеите што ги заклучиле како најважни од пленарните седници. Покрај тоа, тие ќе работат и на креирање препораки и предлози за идните активности на државните институциите кои тие би ги земале предвид при водење младински политики во иднина.

Резултатите ќе ги прикажат на последниот ден на конференцијата пред сите членови, а тие исто така ќе бидат презентирани и пред Собранието на Р.С.М.

Меѓународната младинска конференција Крушево 2019 е седумнаесеттата по ред ваква конференција во организација на Алијанса на младите Крушево. На неа годинава присуствуваат 58 членови од 16 различни држави.

Конференцијата беше отворена вчера каде Методија Стојчевски, координаторот на проектот и претседател на Алијансата ги поздрави членовите и им се заблагодари за големиот одзив. Како што објасни, ваквата сплотеност на луѓе од различни делови на Европа е она за што се залага тој заедно со целиот тим на проектот.

„Нашата цел е да ги доближиме младите од регионот поблиску до европските вредности“, вели тој.

На отворањето присуствуваше и германскиот амбасадор во Северна Македонија Томас Герберих (Thomas Gerberich) кој изјави дека конференции како оваа се одлична можност за младите заедно да работат за подобра Европа. Лидија Димова, директорката на Националната агенција за европски едукативни програми и мобилност пак посочи дека најголемиот проблем со кој се соочува оваа агенција, уште попозната и како Еразмус+, е нејзината мала видливост кај младите.

„Огромен број на млади воопшто не знаат што е и што прави Еразмус“, рече таа,„ а постојат и такви кои ги користат нејзините бенефити и се уште не ја знаат целосната цел и начин на работење на програмата.“

Партнерството со оваа конференција таа го гледа како едно „шлепање“ на Алијансата на млади бидејќи таа нашла начин како подобро да допре до младите.

Годинешното мото на младинската конференција е „Европски вредности за иднината на државите од Југоисточна Европа“. На неа неколку говорници од различни сфери ќе разговараат со членовите за неколку проблеми кои ги засегаат младите. Дел од проблемите за кои ќе се дискутира се емиграцијата на младите, иднината на професиите и климатските промени.

Георги Божиновски