Мерките за чист воздух да бидат приорет за локалните власти, побараа младите од Куманово, Кавадарци, Скопје, Велес и Гостивар, кои во рамките на проектот „Младинска акција за чист воздух“ на Центарот за климатски промени, учествуваа на 15 младински форуми, пишува „Мета.мк“
Младите од овие градови креираа и свои барања и ги претставија пред општинските службеници и советниците. Тие побараа да се зголеми свесноста за намалување на употребата на автомобили и користење на велосипедите како превозно средство и да се прошири инфраструктурата за велосипеди. Младите од Скопје побараа и нови сообраќајни решенија на некои места во градот, а според нив од клучно значење е продолжување на велосипедската патека по кејот на Вардар се до населените места Јурумлери и Петровец и поврзување на населбите со правење повеќе излези.
Младите од Куманово побараа и да се прошири паркот по должина на реката Кумановка, како и да се постави урбана опрема, бидејќи, како што истакнаа, нема доволно зелена површина во градот каде што можат да се рекреираат. Во Велес младите имаа конкретни барања поврзани со проширување на урбаното зеленило во населби каде речиси и да нема дрвја, а побараа и конкретни решенија во Младинскиот парк во Велес каде со години нема обнова на зеленилото.
Сите општини се соочуваат и со серизен проблем со големи количини на пластичен отпад што завршува на градските депонии на кои често избива пожар, а тоа предизвикува загадување на воздухот, па од таа причина, младите на форумите побараа да се постават вендинг машини во маркетите и училиштата во градовите. Тие сметаат дека граѓаните за секое рециклирано шише треба да добијат поврат на средства во висина од половина до еден денар, а учениците да добиваат вредносни ваучери кои ќе можат да ги користат во продавници за спортска опрема во градот. Беше побарано и Општините да обезбедат субвенции за уреди за загревање на домовите кои се еколошки, со што ќе се намали употребата за дрва за огрев. Во Куманово, како град во кој е достапна гасификациона мрежа, младите побараа и зголемување на субвенции за домаќинствата за приклучок на мрежата.
„Навистина е значајно што форумите беа успешни и продуктивни, бидејќи само со заеднички ангажман ќе придонесеме кон менување на состојбите. Она што се издвојува, е посветеноста на младите да направат промени кои ќе донесат добро за сите, но и волјата на општинските претставници за имплементирање на барањата. Горди сме што овој проект ќе овозможи менување на тековните состојби“, нагласи претсeдaтелката на ЦКП, Бојана Станојевска-Пецуровска.
Спроведувањето на мерки за намалување на аерозагадувањето е на различно ниво во секоја од овие општини. Локалните самоуправи информираа дека ги разгледале и дека сметаат дека се реални како и дека ќе ги земат предвид во подготовката на програмата за животна средина за следната година.