Во Неготино речиси и да нема млади луѓе. Голем број од нив заминуваат да студираат и работат во странство, додека останатите ги „собираат парталите“ и во потрага по подобар живот се упатуваат во некој од поголемите градови низ Македонија.
Непосредно по локалните избори, решивме да направиме една мала анкета за тоа што мислат младите во Неготино за просперитетот во нивниот град. Дали навистина постојат шанси за успех во помалите македонски градови?!
Горан Димов, студент од четврта година на машинскиот факултет, по потекло од Неготино, на ова прашање вели:
„Не знам ни зошто има истражување на оваа тема, кога сите го знаеме одговорот. Шанси за работа и просперитет имаш само со партија или пак треба да го работиш она што не го сакаш. Да градиш кариера во Неготино е смешно и тажно“.
И средношколците не гледаат светла иднина во Неготино. Најголемиот дел од нив планираат по завршувањето на училиштето да го напуштат градот.
„Од една страна, гледам дека младите сепак можат да опстојат во Неготино, но има многу поголем избор во поголемите градови како што се Скопје и Битола. Таму според мене има загарантирано работно место како и постојано градење на објекти каде младите би можеле да се вработат. Според мене таткото на градот заедно со младите треба да преземат нешто,“вели на ученичкатa О.Р, која годинава ќе биде матурант во неготинската гимназија.
Повозрасните пак не се откажуваат од градот. Според професорот по англиски јазик во единствената гимназија во Неготино, „Св. Кирил и Методиј“, Тодор Пашлаков, Неготино може да ги задржи младите ако се направи добра стратегија.
„За младите од еден мал град како нашиот е можеби малку тешко да се има просперитет, меѓутоа тоа не е невозможно. Потребна е само поголема ангажираност на возрасните интелектуални кадри. Потребно е да создадат услови и простор за негување на креативната идеја на младите,“вели Пашлаков.
За Ванчо Петров пак кој е одговорен за образовниот сектор во општина Неготино, младите сами треба да се изборат за своето место во општеството.
„Моменталната состојба не дава преголем оптимизам за просперитет, но сметам дека како и секогаш младата генерација да ја согледа реалната состојба и да не се помирува со истата туку поорганизирано да бара начини да ја подобри. На пример, со навремени информирања во локалната самоуправа да дојде до вистински информации, преку организирање на трибини, младите да го кажат својот став и цврсто да стојат на тоа. Во Неготино постојат најави за идни инвестиции и отварање на работни места, каде што дел од младите можат да се најдат себеси со ”решено” животно прашање-вработување,“вели Петров.
Безработицата, немањето перспектива и желбата за нормален живот, направија младите луќе својата среќа да си ја бараат во поголемите градови. Иако не е лесно да се живее надвор од родното место, велат младите, во поголемите градови тие имаат подобра шанса да се пробијат во светот кој отсекогаш го посакувале.
Но, она што дополнително загрижува е тоа што проблемот не завршува со Неготино, со истите проблеми се соочуваат младите во речиси сите помали градови. Затоа сега останува отворено прашањето, ќе им се случи ли и на овие градови судбината на македонските села кои одамна останаа без млади луѓе, само со по некој старец кој останал да го чува родното огниште?!
Емилија Петреска