Учениците и студентите во државата мора да имаат бесплатни психолошки советувалишта, каде што ќе разговараат за нивните проблеми, за она што ги тишти. Ова е заклучокот од онлајн дебатата организирана од Фондацијата „Метаморфозис“, на тема „Менталното здравје на младите по ковид пандемијата“.
Дебатата ја отвори заменик-министерот за здравство д-р Владимир Рендевски, кој истакна дека во овој период е зголемен број на психолошка помош која ја пружаат психијатрите во нивните амбуланти, како и дека е зголемен бројот на разводи и на психолошки проблеми во семејствата.
„Се работи за менталното здравје кај нашата млада популација после две години поминати во ковид пандемиски мерки. Како лекар, навистина би рекол дека младите во овој период беа надвор од актуелниот наставен процес, беа изолирани со онлајн настава, тоа реално се рефлектира на враќањето на школските редовни активности, има намалување на резултатите што ги постигнуваат. Беа лишени од социјален живот, спорот и другарување“, рече Рендевски.
Тој кажа дека оваа дебата треба да биде и граѓанска и општествена и државна иницијатива која Министерството за здравство силно ја поддржува, бидејќи, како што рече, мора институциите да бидат што поактивни во враќањето на младината во нормала, преку општествено-институционални мерки кои би го ублажиле овој негативен ефект од оваа пандемија.
Проф. д-р Драгана Батиќ од Факултетот за безбедност кажа дека кај нас младиот човек кога сака да појде на психолог, мора да плати за тоа или да чека термин на „Мој термин“.
„Студентите не се покриени со психолошка поддршка. Каде се и децата кои не се ни средношколци ни студенти, кои работат? Според мене најдобро би било да имаме советувалишта кои ќе бидат во рамки на одредени општини. Ситуацијата со младите е алармантна, се чека за термин и по два месеци. Затоа неопходно е да им се обезбеди бесплатно психолошко советување“, рече професорката.
Според наоди до кои таа дошла, 80 отсто од студентите имаат анксиозност, а 20 отсто имаат изразена анксиозност. Секој втор студент покажал знаци на трауматизација предизвикана од ковид пандемијата. Студентите најмногу ги загрижувало нивното образование, односно како тоа ќе се одвива во време на пандемија, биле загрижени за нивното ментално здравје и живееле во неизвесност.
Николина Иваноска Котевска, професорка по психологија во гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ кажа дека на речиси 90 отсто од средношколците, ковид пандемијата влијаела негативно. Таа истакна дека стравот кај децата не бил насочен кон себе, туку кон нивните најблиски, кон нивните повозрасни членови на семејството.
„Онлајн наставата беше пријатна за сите во почетокот, но долготрајната изложеност пред компјутер остави последици. Учебната година заврши во март 2020 година, децата се распуштија и до крајот на таа учебна година не најдовме решение како да продолжат пак со физичко присуство. Кај нив има панични растројства, појава на самоубиствени мисли, хипохондрија, безнадежност, очај, негативна слика за себе, фрустрации“, рече Иваноска Котевска.
Таа кажа дека училишните психолози се оптоварени со административни обврски и дека еден психолог не е доволен за 1.000 ученици во едно училиште.
„Сè уште важи оној стар педагошки механизам, ако детето направи педагошка отстапка, само тогаш да оди на психолог“, додаде професорката.
Анита Николовска, извршната директорка на „Младите можат“ (Youth Can), во своето излагање кажа дека активно се работи на оваа тема, како и на разбивање на стереотипите поврзани со менталното здравје.
„Ковидот донесе дополнителен стрес за младите, кога тие преминуваат од детство во адолесценција. Имаа прекин на контакт со врсниците, а исто така тука е и притисокот за здравјето на нивните блиски. Со затворањето, нивниот биоритам беше нарушен, целокупната благосостојба беше нарушена“, рече Николовска.
Извор: Мета.мк