На скопското туристичко подрачје Матка, најчесто посетувано од многу странци, но и од локалното население, група млади луѓе одлучуваат викендов да организираат летен фестивал „Matka Summer Fest“ каде ќе се преплетат повеќе уметности истовремено.
Една од уметностите опфатени на првото издание на овој фестивал е неколкудневната изложба на фотографии од Матка направени од шест млади фотографи: Арбнора Мемети, Ана Ристевска, Еркан Рамадани, Мирсад Бекир, Стефан Семандов и Зоран Шекеров.
Темата на изложбата е „Матка и нејзините убавини“, а според Арбнора Мемети, поентата на фестивалот е да се поттикнат повеќе млади уметници, да се промовираат и здружат.
„Не сакам позирање и убаво ми е кога ги фаќам моментите такви какви што се. Не ми се допаѓаат фотографии што се протоколарни, од луѓе што седат на некоја конференција и зборуваат. Воопшто не ми е интересно. Јас постојано го носам апаратот со мене и фотографирам надвор, во природата, се’ што се движи и е живо“, вели Арбнора за своето фотографирање.
Арбнора веќе десет месеци работи како фоторепортерка иако тоа никогаш не го очекувала. На самиот почеток, таа сакала да биде дел од новинарскиот свет.
„Благодарна сум му на мојот уредник кој ме прифати да работам во дневниот весник со никакво искуство бидејќи ова што го работам сега е професионално. Кога тој ми даде понуда јас му реков дека само сакам да ми даде време и да ми верува“, раскажува Арбнора.
Таа верува дека има заинтересираност за фотографирање од страна на младите.
„Тоа се забележува и на социјалните мрежи, ако не можат да работат за некој медиум, ги објавуваат сликите на Фејсбук и сите ние можеме да забележиме прекрасни слики на млади автори кои можеби немаат шанса да се покажат во медиумите.“
Таа додава и дека никој од уредниците не е подготвен да прифати млад фотограф во редакцијата бидејќи нема искуство, а и тие немаат време за чекање. Повеќето уредници сакаат да имаат фотографи со искуство и затоа, според неа, нема место за младите.
И Ана Ристевска мисли дека заинтересираностa кај младите за фотографирање навистина постои. Но, таа е свесна дека треба да постои и граница помеѓу фотографирање од хоби и фотографирање на професионално ниво.
„Треба да се направи разлика помеѓу обично фотографирање за на Инстаграм и посериозно фотографирање. Сите имаме телефони и мислиме дека можеме да бидеме професионални фотографи, но сепак постојат луѓе кои го учат тоа, така што таа работа треба да им се довери ним. Јас за себе не можам да кажам дека сум професионалец бидејќи имам многу пред себе за учење“, вели таа.
Ана е девојка која инспирацијата за фотографирање ја наоѓа во секој момент што го забележува. „Инспирација може да се најде насекаде само треба да знаеш каде да погледнеш“, нагласи таа.
Најмногу ужива во патувањата кои ги овековечува со фотографии.
„Секогаш кога треба да патувам, обавезно првото нешто кое го пакувам во мојата торба е фотоапаратот и опремата. Од моментот кога ќе излезам од авион сум подготвена за фотографирање“, раскажува Ана.
На Ана се’ уште не ѝ се случило да забележи дека нeкој ги украл нејзините фотографии, но Арбнора е изреволтирана од крадењето фотографии од страна на други луѓе или медиуми: „Ми се случува многу често бидејќи кога јас фотографирам, моите фотографии ги објавувам на социјалните мрежи и често ми се случува да ми украдат фотографии и никогаш да не бидам потпишана на нив.“
На ова се надоврза и Зоран Шекеров, според кој, крадењето фотографии е навистина комплексна тема, но тој веќе има идеја како да го реши проблемот:
„ Јас, професорката Елена Бојаџиева и уште неколку студенти планираме да отвориме авторска фотографска агенција каде ќе можат да доаѓаат различни фотографи за „спас“. Ние ќе ги претставуваме нивните права“, вели тој, иако засега тоа е само замисла.
Зоран професионално веќе неколку години се занимава со документарна фотографија.
„Јас сакам и да живеам од фотографијата, но и да ја користам како алатка за еден вид мои лични проекти и видувања и претставување во јавноста“, истакна тој.
Зоран е инспириран од фотографката Вивиан Мајер и за него, таа е откритие на 21 век иако станала популарна дури по нејзината смрт. За вреднувањето на трудот на младите во нашето општество, тој вели: „Не смееме да очекуваме некој друг да ни го цени нашиот друг ако ние самите не си го цениме. Ние како автори треба повеќе да се вреднуваме, да го промениме пристапот и да не се потценуваме самите себе“.
Ана Илиева
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.