„Не знам што се тоа колачиња, мислам дека се вируси што се појавуваат на сајтовите, не ги прифаќам“, е само еден од одговорите на младите во земјава во однос на поставеното прашање за тоа што се тоа „колачиња“. Податоците објавени во истражувањето на Меѓународната федерација за изборни системи (ИФЕС) – „Младите и дигиталната приватност во Северна Македонија“ говорат дека мал дел од младите во Македонија имаат целосна информација за тоа што се тоа „колачиња“ и која е нивната цел, објави агенцијата Мета.
Колачиња што не се јадат
Фондацијата Метаморфозис редовно објавува едукативни написи за политиката на колачиња на сајтови и апликации. По својата дефиниција, „колачињата“ се мали, текстуални датотеки кои се испраќаат од веб-страниците што ги посетуваат корисниците и се зачувуваат на нивните уреди (компјутер, таблет и мобилен телефон).
Крајниот исход од недоволното внимание што го посветуваме на Политиката на колачиња е речиси секојдневната ситуација да пребаруваме на интернет одреден производ или услуга, по што ни се појавуваат реклами за пребаруваниот производ или услуга.
Всушност, „колачињата“ се користат за следење на активноста на корисникот на одреден веб-сајт и за меморирање одредени информации, какви што се: податоци за најава, преференции и содржина на потрошувачка кошничка.
„Колачињата се користат со цел да се олесни функционирањето на веб-страницата или да се запомнат вашите активности и преференции или за да се обезбеди персонализирана содржина на веб-страницата. При повторна посета на веб страницата, тие ги читаат овие текстуални датотеки за да помогнат да се идентификува корисникот“, пишува Никола Димитров во еден од едукативните текстови за политиките на колачиња што има објавено Фондацијата Метаморфозис.
Младите со ниско ниво на познавања за политиката на колачиња
Најновото истражување спроведено врз младите од страна на ИФЕС покажува загрижувачки резултати за заштитата на личните податоци онлајн. Резултатите се добиени од спроведените квантитативно и квалитативно истражување.
Реализираните разговори со младите на возраст од 14 до 24 години, во дванаесет фокус групи спроведени во април годинава, покажале дека само мал дел од учесниците имале целосна информација за тоа што се „колачиња“ и која е нивната цел, иако младите наидуваат на нив на различни сајтови или апликации при користењето на интернетот.
„Не знам што се тоа колачиња, мислам дека се вируси што се појавуваат на сајтовите, не ги прифаќам“, е само еден од одговорите добиени од младите на фокус групите во однос на поставеното прашање за тоа што се тоа „колачиња“.
Во дванаесет фокус групи биле вклучени млади на возраст од 14 до 17 години (шест фокус групи) и од 18 до 24 години (шест фокус групи) од сите региони во земјава.
И квантитативното истражување спроведено врз национален репрезентативен примерок од 1.067 испитаници на возраст од 14 до 24 години, во периодот од 20 април до 2 мај 2023 година, покажува несјајни резултати. За заштита на личните податоци нема висока свесност кај младите во Македонија.
Па така, 24 отсто од младите одговориле дека целосно се согласуваат со констатацијата „Регуларно ја бришам мојата листа на пребарување и колачињата за да ги ограничам податоците што се собираат за мене“, додека 22 отсто од нив рекле дека донекаде се согласуваат со ваквата констатација. Истовремено, 21 отсто од младите одговориле зазеле неутрален став во однос на оваа констатација. Наспроти ова, 39 отсто од младите не се согласиле со констатацијата дека регуларно ја бришат листата на пребарување и колачињата за ограничување на податоците што се собираат за нив.
Воедно, квантитативното истражување покажува дека 50 отсто од младите испитаници одговориле донекаде или целосно се согласуваат со констатацијата оти се загрижени за нивните лични податоци што се собираат на сајтовите и апликациите без нивно знаење. Наспроти ова, 22 отсто од младите целосно или делумно не се согласуваат со оваа констатација, додека 24 отсто се неутрални во однос на неа.
На прашањето „Дали некогаш сте избришале некоја апликација или профил поради загриженост за загрозување на приватноста“, 51 отсто од младите во анкетата одговориле со „не“, 44 отсто со „да“ и 5 отсто немале одговор на ова прашање.
Да посветиме внимание на колачињата кои се користат за маркетиншки цели
Eкспертката за заштита на лични податоци Елена Стојановска за Мета.мк објаснува дека сите граѓани кои пристапуваат на сајтови или употребуваат апликации најпрво треба да се информираат за тоа кои колачиња ги користат тие.
„Читањето на Политиката за колачиња е важен прв чекор бидејќи оттаму ќе се информираме дали со некои од колачињата се обработуваат и лични податоци. Дел од колачињата се задолжителни и потребни за самото функционирање на сајтовите и за нив нема да ни биде даден избор“, објаснува Стојановска.
Таа додава дека треба да посветиме особено внимание на појаснувањата за колачињата кои се користат за цели на маркетинг, кои овозможуваат поврзување со нашите профили на социјалните мрежи, кои зачувуваат податоци од онлајн форми за регистрација и слично.
„Токму овие колачиња можат натаму да послужат за профилирање на нас како корисници, нашите навики и потреби, нашата комуникација и активност на социјалните мрежи, споделување на нашите податоци со трети страни за цели на маркетинг. Затоа, пред да кликнеме дека се согласуваме, треба да се информираме на што точно ќе се однесува нашата согласност но и дали можеме во иднина да го смениме претходно избраното“, потенцира Елена Стојановска.
Самото објавување на Политиката на колачиња се смета за обезбедување на правото на информираност во однос на обработката на личните податоци, и токму затоа, прозорчињата што ни се појавуваат при посета на одреден сајт на интернет треба внимателно да ги читаме. Правата на граѓаните се јасни, наше право е да ја повлечеме согласноста, односно, да го смениме изборот на колачиња, но и да побараме пристап и дополнително информирање за тоа на кој начин се користат собраните податоци.
Особено важно кога станува збор за користењето на колачиња е тоа што имаме право да побараме да не бидеме предмет на профилирање за цели на маркетинг. Доколку сметаме дека нашите лични податоци собрани преку користење на колачиња биле незаконски обработени, имаме право да поднесеме приговор за конкретната обработка, објаснува експертката за заштита на лични податоци.
Колачињата сами по себе не се штетни, вели Елена Стојановска, но ако податоците од собраните колачиња паднат во раце на хакери, штетата може да биде голема бидејќи тие би добиле увид во нашата активност на интернет, пребарувањата кои сме ги правеле, личните податоци зачувани на разни сајтови, онлајн пазарењата и трансакциите кои сме ги вршеле.
„Секогаш кога кога користиме пребарувач, бројни колачиња кои сме ги дозволиле претходно се зачувани со што историјата на содржини кои сме ги пребарувале станува јавно достапна. Исто така, голем дел од колачињата се зачувуваат и на хард дискот на нашите уреди па со тек на време може да се соочиме со блокирање на меморијата на уредите кои ги користиме. Од исклучителна важност е и собирањето на податоците собрани од колачињата кои некои сајтови ги продаваат на трети страни за цели на маркетинг. Информирањето и паметниот избор на колачиња е важно за да можеме самите да ги намалиме ризиците уште пред да поченеме некоја конкретна активност на некој сајт“, објаснува Стојановска.
Во Македонија има два закони кои го опфаќаат уредувањето на користењето на колачиња, и тоа Законот за електронските комуникации и Законот за заштита на личните податоци. Притоа, првиот закон предвидува дека чувањето информации или добивањето пристап до информации кои веќе се чуваат на опремата на корисникот е дозволено само доколку корисникот дал согласност. Првото начело на Законот за заштита на личните податоци пак е токму начелото на законитост, правичност и транспарентност.
Во случаи на сомнеж за евентуално прекршување на нивните права во однос на заштитата на личните податоци, граѓаните треба да се обратат со претставка до Агенцијата за заштита на личните податоци. За потребите на овој текст, Мета.мк во два наврати на 5 и 12 јуни преку електронска пошта се обрати со прашања до Агенцијата за заштита на личните податоци, но до пишувањето на текстот не добивме одговори, и покрај тоа што се обидовме и телефонски да стапиме во контакт со оваа агенција.
Меѓу останатото, Агенцијата за заштита на личните податоци ја прашавме какви казни има за субјектите кои на нивните сајтови нема да ги испочитуваат законските решенија за поставување на Политика за користење на колачиња или пак за незаконско прибирање на податоци од корисниците, но и прашавме колку претставки биле доставени до нив од страна на граѓаните.