Младите имаат или премногу или недоволно образование за работните места

Младите имаат или премногу или недоволно образованиеОд една страна преквалификувани, од друга – недоволно едуцирани. Македонија има значителен процент на млади кои имаат премногу образование за своите работни места. Но во исто време, голем број на млади луѓе немаат доволно образование за високите или менаџерски позиции на кои работат, се вели во последниот извештај  на Меѓународната организација на трудот.

Во извештајот насловен „Глобални трендови за вработеноста кај младите – 2013“, се посочува дека голем дел од високообразованите млади луѓе во Македонија мораат да се решат за работни места за кои тие се премногу квалификувани, како на пример, службеници, продавачи или општи работници. Од друга страна, голем е бројот и на младите луѓе кои работат на позиции кои не се совпаѓаат со нивното ниво на образование.

„Техничарите и соработниците на професионалците имаат највеќе шанси да бидат недообразовани (54.2%), но дури една третина (35.3%) од младите луѓе на високи позиции или менаџерски позиции се неквалификувани за работата, додека еден од четири млади луѓе се квалификувани за земјоделските работи или работа со машини“, наведено е во извештајот.

Македонија се најде во групата од четири земји кои покажуваат најзначителен процент на преквалификуваност кај вработените млади од 19 %, заедно со Ерменија од 21,6 %, Перу од 30,1 % и Русија со 13,8 отсто.

Извештајот уште еднаш го потврдува проблемот кој земјава го има со јазот меѓу потребите на компаниите и понудата на образовни кадри на пазарот на труд. Голем дел од младите се решаваат да го продолжат своето образование, а потоа кога ќе завршат факултет, се  вработуваат на места за кои се преквалификувани.

Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи смета дека и државата и работодавачите имаат слаба свест за селекција на кадри кои навистина ќе бидат потребни на пазарот на труд. Најголем проблем е соодветната квалификација за работното место.

„Компаниите често пати наидуваат на кадри на кои им се потребни дополнителни обуки. Нашите млади кои се вработени а сакаат да променат работно место немаат можност да го направат тоа заради квалификациите. Многу малку од компаниите имаат можност за менторски услуги и тие мора да покажат поголема флексибилност, но потребна е и поголема помош од државата“, вели Бошков за Радио МОФ.

Според него, потребно е да се зајакне и чувството на сигурност за работа во приватниот сектор. „Младите излегуваат на 22, 23 години од факултет и веднаш размислуваат каде ќе се пензионираат и сакаат да влезат во јавната администрација, каде гледаат сигурност. Делумно за ова се виновни и компаниите кои не успеаа да испратат порака дека младите можат да имаат сигурна иднина и во приватните компании“, додава тој.

К.О.