Повеќе од половина од младите или 55% сметаат дека Северна Македонија оди во погрешна насока, додека за 13% се движиме во правилниот пат. Три четвртини од младите досега не биле приклучени или консултирани од институциите при носењето одлуки, а истовремено, повеќе од половина секогаш гласаат на избори. 45% ја гледаат земјава дека некогаш ќе биде дел од ЕУ, една третина не не’ гледаат како членка, а една петтина – не знаат.
Ова се дел податоци од истражувањето за социо-политичкото учество на младите на Фондацијата за демократија Вестминстер, презентирано денеска, а кое се спроведува веќе трета година по ред. Анализата пак, покажува зголемување од 22% на младите луѓе кои сметаат дека работите се движат во погрешна насока, како и пад од околу 16% што го тврдат спротивното.
Јелена Цетковиќ Јанева од истражувачката агенција ТИМ Институт посочи дека наодите од фокус групата, покажуваат изразено негативна перцепција за деловната состојба на земјата. Учесниците во фокус групите со автентични коментари ја опишуваат состојбата во земјата како „криза, катастрофа, застрашувачка, предавство, хаос, лудило, безредие, преживување, бесцелност и трагедија“.
За пет години од денес, 21% од младите гледаат на државата како на многу или делумно подобро место за живеење, додека 29% го делат мислењето дека земјата ќе биде делумно полошо или многу полошо место за живеење. Речиси една третина од нив велат дека нема да биде ниту полошо, ниту подобро.
„Колку младите се лично задоволни од своето место во општеството – повеќе од една третина или 36% изјавуваат дека се целосно или прилично задоволни, 61% или 6 од 10 млади луѓе во земјата се делумно или воопшто незадоволни со своето место во општеството“, рече Цетковиќ Јанева.
Во однос на Европската Унија, оние млади што ја гледаат Северна Македонија како членка на Унијата, за половината од нив тоа ќе се случи до 2025 година. За 35% – до 2030 година, додека за најскептичните 15% ќе станеме дел од европското семејство дури во 2031 година.
Истражувањето покажува и други аспекти од социо-политичкото учество. Повеќе од половина или 57% од испитаниците ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките настани и случувања, наспроти 47% од младите луѓе.
За 84% од нив, властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби, а од другата страна само 13% изјавиле верба во властите.
„Повторно може да забележиме и релативно ниски оценки, кои младите ги даваат за сите институции и организации кои работат во интерес на младите, може да се забележи дека најниски оценки добиваат Собранието и политичките партии, додека нешто повисоки, образовните институции, средношколските и студентските тела. Сепак, мора да се напомене дека сите средни оценки се под просечната оценка. Единствено 15% од младите луѓе сметаат дека целосно или прилично, може да влијаат врз тоа што и како работат властите. 8 од 10 млади луѓе сметаат дека делумно или воопшто не можат да влијаат врз работата на властите“, рече Цетковиќ Јанева.
Една четвртина или 25.5% од младите себеси се опишуваат како постојано или главно активни во општеството, 7 од 10 како главно или воопшто неактивни, а 42% воопшто не се активни.
„Ги запрашавме учесниците во фокус групите, како би ги опишале изборите во нашата земја, и ова се наодите кои произлегуваат од фокус групите – ‘лоши предизборни кампањи, партиски притисоци и влијанија, чиста формалност, однапред завршена работа, неодлучува гласот на народот и нешто што премногу често се случува во нашата земја’“, посочи таа.
Дополнително, 7 од 10 млади луѓе сметаат дека актуелната влада не е доволно посветена на решавање на проблемите на младите, наспроти 18% од нив.
„Може да забележиме дека младите најмалку се согласуваат со изјавите дека е попаметно своето мислење да го задржат за себе, наместо да го искажат јавно, дека политиката е работа на политичарите, во која младите не треба да се мешаат и дека мажите се подобри политичари од жените. Околу една третина од младите сметаат дека на ЛГБТ луѓето не им е место во политиката, меѓутоа со овој став не се согласуваат околу половина од нашите испитаници“, рече Цетковиќ Јанева.
Околу половина од испитаниците сметаат дека сите партии се исти, а 82% велат дека на земјава ѝ треба лидер со цврста рака, додаде таа.
„Ги прашавме младите во фокус групите, што за нив тоа претставува, што за нив е всушност лидер со цврста рака, и морам да забележам дека позитивната перцепција на лидер со цврста рака е многу почеста кај младите, што оди во прилог на наодите кои што беа добиени од квантитативното телефонско истражување. Лидер со цврста рака, за нашите млади е човек со цврст став, компетентен и способен, го исполнува ветеното, човек со јасна цел и визија за земјата, кој го сака својот народ и се грижи за него. Нешто како Тито. Оние малкумина кои што лидерот со цврста рака го перцепираат негативно, велат дека тоа е сепак некој што е насилен, агресивен, се води од личниот интерес, ја наметнува својата волја и не го интересира мислењето на народот, како пример беше посочен Хитлер“, рече Цетковиќ Јанева.
Истовремено, во истражувањето била опфатена и темата за толеранција и перцепциите за други групи граѓани.
Оттука, младите биле прашани дали би им пречело доколку нивниот сосед е припадник на некоја од групите, како лица од различна етничка заедница, лица од друга раса, ЛГБТ лица или бегалци. Па така, Цетковиќ Јанева истакна дека резултатите од истражувањето покажале дека на младите најмногу би им пречело доколку нивниот сосед е бегалец од друга држава, истовремено, на 22.6% би им пречело доколку соседот е лице од ЛГБТ заедницата, додаде таа.
Во истражувањето учествувале 1.060 испитаници, од кои 30 испитаници биле млади лица со сензорна и моторна попреченост. Според Цетковиќ Јанева, објаснува дека ставовите на овие млади луѓе се попесимистични во споредба со останатите.
Резултатите од истражувањето донесоа бројни препораки
Фондацијата за демократија на Вестминстер нуди бројни препораки кои произлегуваат од резултатите на истражувањето. Па така, оттаму, меѓудругото, препорачуваат да се изработи Национална стратегија за млади и да се исполнат обврските предвидени во Законот за младинско учество и младински политики.
„Да се основа национално собрание на млади и национално советодавно тело како систем за младинско учество. Агенцијата за млади и спорт да обезбеди повеќе средства за работа на секторот „млади“ во однос на вкупниот буџет. Сите локални самоуправи да креираат локални младински совети и да почнат со подготовки за отворање на младински центри, во соработка со АМС, младинските организации и другите чинители“, се додава во препораките од истражувањето.
Истовремено, таму се препорачува политичките партии да соработуваат со подмладоците, односно да ги вклучат младите во своите органи и тела и да формираат комисии за млади во рамки на своите структури.
Дополнително се препорачува да се гарантира ученичкото организирање во секое училиште и да се обезбеди одржливо и претставничко учество на средношколците преку законско решение.
„Студентски собранија да бидат формирани на сите факултети и универзитети и да добијат соодветна административна и финансиска поддршка за работење“, се додава во препораките.
Од Фондацијата препорачуваат и да се истражат ефектите врз младите од пандемијата, како и да се носат соодветни политики за нивна поддршка и справување со дезинформациите.
„Чинителите кои работат за млади, да се грижат за пристапноста на своите активности и за младите лица со попреченост, како и другите маргинализирани млади. Младинските организации да делуваат како катализатор за видливост и решавање на проблемите на младите, особено оние кои припаѓаат на ранливи групи“, стои во препораките на истражувањето.
Покрај презентацијата на истражувањето, на настанот денеска се одржа и панел дискусија на која се разговараше за приоритетите и препораките од младите, на која зборуваа средношколскиот истражувач и активист Лука Павиќевиќ, новинарката и претседателка на Центарот за еднакви можности „Бубамара“ Рита Бехадини и програмскиот менаџер во „Ромалитико“ Дениз Селмани.
Анкетата за истражувањето е спроведена на национален примерок млади граѓани на возраст од 15 до 35 години од истражувачката агенција ТИМ Институт во ноември и декември 2021 година.
Мартин Колоски