По три месеци поминати во исчекување и бирократски одложувања, околу 100 млади лекари од оваа недела започнуваат со платена пракса, пишува Мета.мк. И покрај тоа што ги завршија студиите, а државниот испит го положија во декември, овие млади доктори со месеци не беа викнати во ниту една здравствена установа во земјава на задолжителната пракса што мора да ја поминат ако сакаат да продолжат да се усовршуваат, односно да се запишат на специјализација.
После шест години редовни студии и шест месеци поминат стаж за полагање државен испит, овие младите здравствени работници беа оставени во агонија и загриженост за нивната иднина. Секојдневно тропаа на вратите на институциите и чекаа одговор од Министерството за здравство, од каде претходно информираа дека испратиле барање до Министерството за финансии и чекале одговор од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) поради предизборниот период.
Младите лекари реагираа и дека дополнителен проблем е што специјализацијата се запишува во септември, и практично, ако не почнат со пракса месецов, правото да се запишат на специјализација ќе им биде одземено бидејќи септември е точно за шест месеци.
Нивната битка конечно вроди со плод – Министерството за финансии го потпиша предметот со кој се одобруваат финансии за овие лекари да започнат со платената пракса. Со ова, тие добија зелено светло да ги започнат своите медицински кариери.
„После еден месец консултирања и разговори со надлежните институции, и по нашето излагање во медиумите, од Министерството за здравство нè информираа дека нашиот предмет е потпишан од Министерство за финансии, односно финансиите се одобрени за започнување на платената пракса. Благодарни сме на поддршката од Министерството за здравство со испраќање на барањето за решавање на проблемот по итна и неодложна постапка поради моменталната состојба со техничката влада“, вели за Мета.мк д-р Ивана Балоска.
Д-р Симона Георгиевска, која исто така беше меѓу младите лекари кои се соочуваа со предизвикот, вели дека очекуваат веќе од денес да бидат повикани и распределени во здравствените институции. Комисијата за имунизација веќе побарала дел од нив да почнат со пракса на вакциналните пунктови поради епидемијата со пертусис.
„Списоците од Министерство за здравство се испратени до сите здравствени домови во државата и очекуваме веќе од понеделник да нè повикаат и да почне нашата распределба во Здравствените домови“, вели д-р Георгиевска.
Овие здравствени работници велат дека се задоволни од исходот на нивната борба, но апелираат Министерството за финансии да даде одобрение и за нивните колеги кои државниот испит го положиле во јануари, за и тие непречено да почнат со платена пракса.
„Во иднина оваа платена пракса треба да биде поадекватно организирана со нејзино навремено започнување, исто така треба да има мотивирање на младите лекари со овозможување на можности за вработување, соодветна плата, едукација, напредок, како и желба за останување и професионален развој во нашата држава“, вели д-р Балоска.
Додека траеше макотрпната битка, младите лекари реагираа дека, доколку не се најде решение за нивната ситуација, ќе бидат принудени да ја напуштат државата и да заминат некаде каде нивните труд и знаење ќе се ценат повеќе.