За седум години Македонија ја напуштиле 1207 лекари, главно до 35 години, возраст кога се најпродуктивни во медицината. Фрапантни податоци покажаа интерните истражувања и анкети на Клубот на млади лекари направени меѓу студентите по медицина на Медицинскиот Факултет во Скопје. Германија е ветената земја, бидејќи најголем дел од студентите го изучуваат германскиот јазик, како почетна фаза за комплетно заминување и научно усовршување надвор од Македонија.
Соња Граждани е шеста година на Медицинскиот Факултет. Вели, факт е дека младите лекари си заминуваат, но проблемот не е само во платите, туку во врските, професорски или партиски.
„ Не е само до платите, иако и тие се голем проблем. Не се работи по меритократски систем. Значи не секогаш најдобриот студент ја добива најдобрата оценка, специјализацијата која ја заслужува или местото на вработување. И кога гледаме дека колку и да се трудиме, не го добиваме тоа што го заслужуваме, тоа не демотивира и не ни дава желба да останеме, затоа што нема место за напредување. Значи колку и да се трудиме, ние не одиме напред. Не ја добиваме ниту соодветната едукација, ниту шансата да постигнеме нешто повеќе во нашата кариера“, вели Граждани.
Не сакаме да си одиме, додава студентката по медицина, но забележува дека повеќето студенти, уште во прва година се запишуваат на германски јазик.
Нејзиниот колега Арбион Колари пак верува во активизмот на младите лекари. Решението за лошите состојби го гледа во здружувањето на сите колеги. Во спротивно, вели, Германија не ни бега.
„ Јас сум еден од ретките што не се заинтересирани за германскиот јазик, бидејќи мислам дека јас потекнувам оттука и морам да направам се за да ја подобрам мојата иднина и општество. Мислам дека е многу лесно да се оди во друго општество каде веќе се е средено. Ние не го заслужуваме тоа општество“.
Од Клубот на млади лекари посочуваат дека е проблемот е системски и треба да се почне со делување уште од почетокот на студиите, да се смени стерилниот пристап кон студентите, моменталниот менталитет и тренд помеѓу студентите по медицина за напуштање земјава. Според претседателот на Клубот, Никола Брзанов, најчестата причина поради која младите лекари бегаат од Македонија е чувството на несигурност за тоа што ќе се случи откако ќе го завршат Медицинскиот факултет.
„Затоа, треба да се формира Национална стратегија од натпартиски интерес, во период од 10-15 години, и таа стратегија која би била од натпартиски интерес, па нејзиното применување не би требало да биде доведено во прашање“, вели Брзанов.
Студентите по медицина се нашите идни лекари, додава тој, затоа треба да ги слушнеме и да делуваме.
Клубот на млади лекари е основан кон крајот на минатата година како иницијатива која има за цел да ги вклучи младите во процесите на одлучување и креирање на политиките во здравството. Затоа организираа недела на студенти по медицина, поддржана од компанијата Алкалоид. Ќе трае пет дена, а во текот на неделата, покрај предавањата, ќе се делат бели мантили за секој студент.
Ј.Ј.