Голем дел од општините не ги спроведуваат активностите што произлегуваат од Законот за младинско учество и младински политики, познат како Закон за млади, за кој три четвртини од младите не знаат дека постои. Студентите во најчест случај не умеат да ја препознаат корупцијата во нејзините најразлични форми и не се запознаени со постоечките механизми за пријавување корупција. Истовремено, младите се свесни за последиците од аерозагадувањето и подготвени да преземат акција, но не знаат доволно како овој проблем влијае врз нивното ментално здравје. Воедно, младинскиот став за интегрирање на вештачката интелигенција во високото образование е позитивен.
Овие заклучоци ги донесоа 16 млади луѓе кои осетиле потреба од разработување и дополнително актуелизирање на овие теми во државата, а нивни испитаници беа младите луѓе – средношколци и студенти. Тие ги презентираа четирите истражувања вчера во културно едукативниот центар „Лабораториум“.
Првото истражување беше направено на темата Финансирање и буџетирање на младите на национално и локално ниво во Македонија. Па, се обратиле до општините, но од 80 општини, 39 не одговориле на барањата за информации од јавен карактер. Истражувачите често добивале одговор дека лицата кои се задолжени за информации од јавен карактер воопшто не ја работат таа работа, дека се пренаменети во други сектори или, пак, дека во дел од општините такво лице речиси и да не постои.
„Од добиените одговори видовме дека Законот за млади многу лесно се интегрира со Законот за спорт, верувале или не, и со Законот за култура и се разбира со училишните манифестации кои се поврзуваат со Законите за основно и средно образование. Сите оправдувања на општините се дека буџетите се наменети кон овие закони, а за Законот за млади не одговорија воопшто дали е спроведено нешто. Морам да ги пофалам Битола, Велес, Крива Паланка и Босилово кои одговориле на задачата за спроведување на активности со доволен буџет согласно Законот“, истакна Станиша Станковиќ, автор на истражувањето заедно со Бојан Лазаревски, Мартин Зарков и Анисија Угриновска.
Наодите од анкетата спроведена со 200 средношколци од различни општини потврдиле дека 76.4% од средношколците не знаат за Законот за млади, 52.5% не знаат дека нивната ученичка заедница може да има претставник во Локалниот младински совет, а 75.5% не се информирани дека општината во која живеат треба да обезбеди најмалку 0.1% од буџетот за младите и младински активности.
Затоа истражачите бараат да се идентификуваат потребите на младите, тие да се вклучат преку формирање локални младински совети, да се подобри комуникацијата помеѓу нив и локалните власти, но и да се стимулира активизмот и граѓанската свест.
Исто така, увиделе потреба и да се креираат програми за поддршка на стартап компании, финансиска обука и едукација, пристап до финансиски услуги за младите од руралните средини, како и да се зголеми поддршката за пристап до образование и стипендии и да се подобрат механизмите за учество на младите во јавниот буџет.
Млади ја истражувале и темата за аерозагадувањето и поврзаноста на младите до 18-годишна возраст, особено што изложеноста со загадувачки материи како азот диоксидот, честичките ПМ 2.5 и ПМ 10 може да доведе до низа здравствени проблеми со физичкиот развој, респираторни заболувања, како и да влијае на нервниот развој и сознавањето.
Ова, велат истражувачите, доведува до понизок квалитет на живот.
„Најалармантната последица од загадувањето во државата вклучува зголемен процент на смртност од 7,3% во 2018 година, во која најголема улога играат ПМ честичките во воздухот. Ова го намалува просечниот животен век за 0.81 година“, се вели во истражувањето.
Собрани се општи научни факти за најзагадените градови – Скопје, Тетово, Гостивар, Струмица и Прилеп и утврдено е дека вредностите ги надминуваат дозволените концентрации на честичките-загадувачи. Податоци на Светската банка, пак, покажaa дека аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно.
Дополнително, истражувањето утврдува дека учениците имаат поголема веројатност да страдаат од емоционални нарушувања поради изложеност на загаден воздух, што дополнително води до влошен развој.
„Квалитетот на воздух може да предизвика емоцинални нарушувања кај учениците, како што се симптоми на анксиозност, невротичност и социјално повлекување“, стои во делот кој го анализира влијанието на аерозагадувањето врз адолесцентите.
Испитаните млади во ова истражување се запознати со терминот аерозагадување (85%), свесни се за загаденоста на градовите во кои живеат и како најголема причина за тоа ја издвојуваат индустријата. 75% од нив се подготвени да преземат акција против овој проблем.
Според заклучоците, потребна е поголема ажурност од институциите за поддршка и едукација на младите луѓе во државата за последиците од аерозагадувањето. Па така, авторите Александра Христовска, Рина Османи, Максим Ристески и Јулијана Ѓоргова, предлагаат да се воведат програми во основните училишта кои ќе бидат стриктно наменети за аерозагадувањето како поим и неговите последици во период на адолесценција, да се организираат среби со медицински лица во училиштата, задолжителни иницијативи со сите основни и средни школи за ова да биде дел од наставната програма и построги санкции за прекршување на регулативите за заштита на животната средина.
„Препорачувам наместо лекари, да ставите студенти од медицински факултет и ова би било на некој начин врсничка едукација. Ние и колегите од другите медицински факултети да ги научиме младите што е тоа аерозагадување, како да се заштитиме, да им дадеме препораки, па во иднина да спроведеме и акции“, предложи студент на медицинскиот факултет од публика.
Заклучоците од истражувањето за „Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“ ги потврдија хипотезите на младите истражувачи дека студентите во најчест случај не умеат да ја препознаат корупцијата, во најголема мера не се запознаени со постојните механизми за пријавување на корупција и, иако свесни за постоење на корупција на сите универзитети во државата, во најголем дел од случаите студентите не се осмелуваат да ја пријават најчесто поради страв и немање доверба за некаква разрешница.
„Корупцијата во високото образование му штети на квалитетот и ја нарушува довербата во институциите, а непријавувањето на корупцијата се поврзува со недостаток на свесност и страв меѓу студентите и вработените“, се вели во истражувањето на Теа Цветковска, Памела Павловска, Кристина Димовска и Ристе Костовски.
За да дојдат до овие созданија, истражувачите испитале над 300 студенти и направиле интервјуа со повеќе студентски правобранители.
За овој проблем да се надмине во овие клучни институции за младите луѓе потребна е поголема едукација во борбата против корупција, промоција на култура на пријавување и подигнување на свесноста и интегритетот кај младите. А, за ова да се случи, потребно е активно учество на сите заинтересирани страни.
Четвртата тема на која истражуваа млади луѓе беше за „Користењето на вештачката интелигенција во образовниот процес на студентите во високото образование“. Според резултатите од испитаните 78 студенти, 84,6% се запознаени со алатките за вештачка интелигенција, а 71,2% од нив користат вештачка интелигенција за факултет. Најчесто користени алатки се ChatGPT, Grammarly и GitHub Copolot, алатката Canva, и други.
Најчести цели за кои студентите ги користат алатките се дополнително учење, колоквиуми или испити, семинарски и проектни активности. Ставот за интегрирање во наставата на факултетите на испитаниците е позитивен.
Според Алмир Фасљии, Ангела Поповска, Деница Ангеловска и Димитар Атанасовски, авторите на ова истражување, треба да се спроведуваат интерни и ектерни обуки на наставниот кадар и студентите, со што ќе се зголемат употребата и информативноста за алатките за вештачка интелигенција, да се истражат можностите кои таа ги нуди со цел да се подобри квалитетот на наставата, да се опремат високообразовните установи согласно потребите на наставниот процес и процесот на учење и пошироко да се употребуваат генеративните модели со машинско учење за изведба на наставата со претходно одобрен пристап за користење и политики за употреба од страна на секој факултет.
Истражувањата беа направени во рамки на Програмата за младинско истражување и застапување на Младинскиот образовен форум (МОФ) како дел од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности. Младите истражувачи имаа ментори кои ги водеа низ целиот процес.
Ангела Петкова