Во периодот од 23 до 25 април 2013 младите од Гевгелија имаа можност да учествуваат во настанот „3,2,1…..СЕГА! Земи учество!“, кој беше организиран од страна на група млади лица од Гевгелија во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Целта на настанот беше да се подигне свеста кај младите и свеста кај професорите за активирање на дебатата во училиштата. Педесетина средношколци од Гевгелија имаа можност да се запознаат со поимот дебата и начинот на дебатирање преку одржување на јавна дебата на теза „Младите задолжително (не) треба да учествуваат во донесување одлуки на локално ниво“.
Во рамките на настанот за учениците од осмо одделение од две училишта беа организирани две работилници на тема: „Дефинирање на проблеми и приоритети на учениците“ каде учениците на интерактивен и креативен начин ги акцентираа своите проблеми и потреби и дискутираа за истите и за начините како да ги презентираат на училиштата и локалната власт и заеднички да дејствуваат при решавање на истите.
Крајот на настанот беше одбележан со парада низ централното градско подрачје со пораки младите да се вклучат во донесување одлуки на локално ниво.
Настанот беше организиран од страна на група млади активисти, кои учествуваа во Школата за активно граѓанство (Обуки за младински активизам) како дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество во организација на Младинскиот образовен форум.