Демократијата останува популарна низ светот, но се соочува со голем број предизвици – од нееднаквостите до климатската криза, а младите луѓе помалку од возрасните веруваат дека овој систем може да ги реши проблемите кои нив лично ги засегаат.
Ова го покажува ново меѓународно истражување спроведено во 30 светски земји. Во него, 86% од анкетираните одговориле дека преферираат да живеат во демократска држава, а само 20% од испитаниците сметаат дека авторитарните режими се подобри во реализација на барањата на граѓаните.
Сепак, само 57‚ од анкетираните на возраст меѓу 18 и 35 години сметаат дека демократијата е подобра од било која друга форма на владеење, споредено со 71% од оние повозрасни од 56 години кои го имаат таквиот став. Дури 42% од младите велат дека поддржуваат воена власт, во споредба со само 20% од повозрасните испитаници.
Извештајот, кој го објави Фондацијата отворено општество, исто така утврди дека повеќе од третина од младите (35%) веруваат дека „цврст лидер“ кому не му е гајле за изборите или парламентот е „добар начин за да се води една држава“.
„Резултатите до кои дојдовме се истовремено и алармантни и отрезнувачки. Луѓето низ светот уште сакаат да веруваат во демократијата, но генерација по генерација оваа верба опаѓа, бидејќи растат сомнежите дека овој начин на владеење може да оствари конкретни промени во нивните животи“, објаснува Марк Малох Браун, претседател на Фондацијата отворено општество и поранешен заменик генерален секретар на Обединетите нации.
Во време на бројни национални и светски кризи, истражувањето покажува дека граѓаните се најзагрижени за сиромаштијата и нееднаквоста (20%), климатската криза (20%) и корупцијата (18%). Истовремено, повеќе од половина од анкетираните (53%) сметаат дека нивната земја се движи во погрешен правец, додека третина од граѓните сметаат дека политичарите не работат во нивен интерес.
„Кога речиси половина од анкетираните, во кои има различни земји од Бангладеш до САД, велат дека имале проблем да се прехранат барем еднаш изминатава година, тоа покажува дека демократијата не го исполнува својот потенцијал“, се наведува во извештајот.
Просечно 58% од граѓаните кои биле анкетирани изразиле загриженост дека политичките немири во нивните држави може да водат до насилство следната година. Вакви стравувања биле највисоки во Јужна Африка и Кенија (79%), Колумбија (77%) и Нигерија (75%), а слично мислење имале и две третини од испитаниците во САД и Франција.
Околу 70% од повеќе од 36.000 анкетирани граѓани изјавиле дека се загрижени дека климатската криза ќе влијае врз нив и нивниот живот во следната година. Најголема загриженост по ова прашање имало во Бангладеш (90%), Турција (85%), Кенија (83%) и Индија (82%), додека најмалку се загрижени граѓаните на Кина (45%), Русија (48%) и Велика Британија (54%).
На национално ниво, пак, корупцијата е главниот проблем. Просечно 23% од граѓаните ја издвоиле оваа тема како најголем проблем со кој се соочува нивната земја, најмногу во Гана (45%), Нигерија (44%) и Колумбија (37%).
Миграцијата, иако силно присутна меѓу темите на политичките кампањи во многу држави, е од мала важност за луѓето. Само 7% од испитаниците ја издвоиле миграцијата како нивен најголем проблем, а 66% од анкетираните сакаат да има безбеден и легален пат за мигрантите.