Младите пред Влада: Наведната глава сабја не сече, но добива рак на плуќа

За опстанок на живот, за ветувања кои конечно ќе се исполнат – граѓаните предводени од младите денеска излегоа на марш за чист воздух.

Со над 200 барања со конкретни мерки во повеќе сектори, активисти од разни иницијативи од целата држава побараа промени и почиста животна средина.

Младата Јана Наскова од домашната иницијатива „Fridays for future“ вели дека аерозагадувањето не се решава со купување маски за воздух.

„Овој проблем не се решава со криење во оваа прегадна шампита. Можеби наведната глава сабја не ја сечи, меѓутоа наведната глава добива рак на плуќа од ПМ10 честици“, рече таа.

Се обрати и нејзинот врсник Коста Барсов, кој порача дека додека не се воведат итни радикални метри против аерозагадувањето, тие ќе излегуваат на улица.

„На нив не им е гајле што мораме да носиме маски, не им е гајле што живееме како во Чернобил и тоа не треба да е така, тоа не мора да е така“, истакна тој.

Барсов забележа дека нерешавањето на проблемите го прекршува уставното право за здрава и чиста животна средина.

„Тие ни држат пиштол на главата, пиштолот е аерозагадувањето“, рече младиот Барсов.

Пред Влада, свој говор имаше и младиот Филип од новата тинејџерска емисија „Нови херои“ кој нагласи дека секојдневното одење на училиште претставува закана за нивното здравје.

„Како дел од иднината, го преземам тој чекор денес да направам промени. Промени што ќе придонесат за чист воздух. Гласно велам сакам да дишам!“, рече тој, по што граѓаните го поддржија со скандирање „Сакаме да дишеме“.

На маршот се приклучија и активисти од Битола, Струмица, Тетово и Охрид.

Младите го предводат маршот за чист воздух – „Сакам да дишам“, „Нема воздух, нема мир!“

Крум Велков од „Здрава Котлина“ го повтори ставот дека се против изградба на рудници, а спомена и дека жителите на Неготино се соочуваат со сличен проблем, бидејќи се планира да се постави депонија за индустриски отпад во нивната околина кое е заштитено подрачје.

Активистот Владимир Куновски од Скопје, пак, ги покани граѓаните во ист број да се појават и наредната недела и да останат будни.

Претходно со соопштение излезе и Владата од каде велат дека ја споделуваат загриженоста од аерозагадувањето со граѓанските организации, како и дека спроведуваат мерки и инвестираат во заштита на животната средина. Тие ги поканија граѓанските организации на средба во Влада во понеделник, на 2 декември.

Улиците во Скопје денеска беа исполнети со луѓе наместо коли. Млади луѓе се предводници во првите редови со разни транспаренти, придружени од разни граѓани со пријателите, со деца, кучиња, луѓе на велосипеди. Поворката беше долга, а скандирањата гласни.

Масовна излезност на Маршот за воздух во Скопје