Во земјава, сиромаштијата расте. Бројот на граѓани кои живеат во екстремна сиромаштија, со под 60 денари на дневно ниво, годинава се очекува да порасне од 12.000 до 28.000 лица, односно помеѓу 20% и 50% отсто повеќе од преткризната состојба, кога во екстремна сиромаштија живееле 50.000 граѓани.
Дополнително, се очекува да порасне и бројката на лица кои живеат во умерена сиромаштија, односно со под 200 денари на дневно ниво. Пред кризата, во умерена сиромаштија живееле 360.000 македонски граѓани, а годинава таа бројка се очекува да стигне до 510.000 лица.
Ова беа главните наоди од студијата „Влијанието на инфлацијата врз сиромаштијата во Република Северна Македонија“, во авторство на економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, издание на СИГА и ФЕС.
Наодите од студијата беа презентирани денес, на панел-дискусијата „Достоинствен живот или преживување“ во организација на Македонската платформа против сиромаштија, по повод Интернационалниот ден за искоренување на сиромаштијата, 17 октомври, чија годинашна порака е „Пристојна работа и социјална заштита: достоинството во пракса, за сите!“
За комотно живеење, младите работат на две или три работни позиции
Трошоците за храна, трошоците за домување и трошоците за енергија се трите главни теми на овогодишниот Национален извештај кој е изработен од Македонската платформа за сиромаштија, во соработка со Европската платформа против сиромаштија.
Сашко Иванов, од Македонската платформа против сиромаштија, истакна дека годинава, во фокус групите учествувале млади, пензионери, приматели на социјална заштита, семејства во ризик и лица со атипичен развој и нивните семејства.
„Кога станува збор за младите, ги интервјуиравме оние кои живеат со семејството, и оние кои што работат, а тие велат дека за да може да си го дозволат сето она што им е потребно како млади лица, мораат да работат по две, а понекогаш и по три работи. Младите не размислуваат на купување на облека, брендирана облека туку ги купуваат алиштата ‘на втора рака’ за да можат барем комотно да го преживеат месецот“, вели тој.
Според наодите од фокус-групите, Иванов сподели дека примателите на пензија кратат за да можат да го преживеат месецот, од први до први, а таа распределба понекогаш не е доволна.
„Тие семејства најпрво ги плаќаат сметките, потоа купуваат лекови, се’ што останува го распределуваат за исхрана. Кога бираат храна секогаш ја бираат поевтината варијанта, никогаш не гледаат на квалитет, луѓето не одат на лекарски прегледи за да преживеат. Генeрално, сите кажаа дека мора да се реагира во политиките што ги носи државата и да ги праша одблиску граѓаните кои што навистина имаат реален проблемсо преживување на месеците“, истакнува Иванов.
Животарење, а не живот
„До крајот на годината, ќе имаме вкупно 510.000 граѓани што се во умерена сиромаштија, затоа таа група ги вклучува и оние лица кои живеат во екстремна сиромаштија. Тоа се сите што имаат помалку од 200 денари на ден – една четвртина од државата, односно, малку повеќе од четвртина од државава, ќе живеат во умерена сиромаштија, само за преживување“, изјави Јовановиќ, економски експерт и дел од авторите на студијата.
Како една од препораките со кои може да се ублажат бројките, според Јовановиќ е замрзнување на цените на подолго време, барем на половина година, за да се стави инфлацијата под контрола.
„Но дека тоа не е доволно само по себе, паралелно со тоа мора да се зголемат сите примања на луѓето – социјалната помош, пензиите, платите, сите примања врз кои што државата може да влијае, мора да ги зголеми, доколку сака да го ублажи овој пораст“, вели тој.
Според Иван Пешевски, потпретседател на Совет на ССМ за приватен сектор, член на претседателството и претседател на СГИП, потрошувачката синдикална кошничка изнесува околу 50.000 денари, што значи едно четиричлено семејство треба да има минимална и просечна плата за да може да се преживее со 100, 150 денари на ден.
„Кога почнавме да ја пресметуваме кошничката, една карта за во театар беше луксуз, една паста за заби беше луксуз, витамините беа луксуз… Сега, во истата кошничка од 50.000 денари, не се зема предвид дека некој плаќа кредит, живее под кирија, туку станува збор за четиричлено семејство кое што живее во под 50 квадрати стан, со две деца, па ова семејство има само за дијазепам и аналгин, има само за едно парче летна и зимска облека во годината, има за храна и пијалоци во висина од 20.000 денари , што значи дека една плата веќе е потрошена на основни продукти за преживување“, вели тој.
Според Пешевски, најголем дел од работниците живеат под прагот на сиромаштија, односно со околу 100 до 150 денари на ден, а посочува дека иако во годините наназад платите статистички растат, граѓаните и работниците ја губат куповната моќ.
„Она што го имавме како инфлација минатата година се предвидува да го имаме и оваа и следната година. Мојот апел ќе биде да се вратат парите на работниците ако сакаме да нема повеќе сиромаштија во државата односно не бараме кратење на 78% од платите на функционерите, туку за тој процент да се зголемат и платите на работниците како би имале и ние достоинствен живот и како би ги исправиле неправдите спрема работниците во државата. Се’ повеќе граѓаните и работниците се жалат дека не се преживува ниту со минимална, ниту со просечна плата, а камоли со две минимални плати“, вели тој.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи изјави дека дискусијата доаѓа во пост-ковид период, кој го следеше енергетска и економска криза и војна.
„Сето ова влијае на продлабочување на јазот на ранливите групи. Со овој проблем се соочуваме ние но и земјите во светот. Денеска е јасно дека доколку за време на последниве три години Владата не ги спроведеше мерките кои ги спроведовме за заштита на стандардот на најранливите групи, а потоа и зачувување на работните места, денеска ќе имавме полоша слика“, изјави Битиќи.
Ивана Смилевска