Пандемијата за младите донесе намалени плати, кои во јуни 2020 паднале за 2,6%. Младинската невработеност е зголемена за 4%, додека само 8% од владините спефицифични кризни мерки се однесувале за младите луѓе, кои поминуваа низ бирократија и тешко пристапуваа до помошта што требаше да им следува од властите.
Ова се дел од податоците што денеска беа изнесени на прес-конференцијата на група младински организации, кои го промовираа документот „Млади во криза 2.0“. Тие ги анализираа ефектите од пандемијата врз младите, но споделија и препораки до институциите како да се поддржат младите луѓе.
Блажен Малески, истражувач од „Реактор“, нагласи како најголема мерка Владата ја спроведе картичката „Купувам домашно“, каде во првите месеци на кризата само студентите и средношколците, т.е. само оние од формалното образование добија 3.000 денари.
Планот на Владата бил да опфати 87.000, а во првата верзија на мерката влегле 80.000 млади.
„Оние за домување, партиципација за универзитети, ИТ обука и дообука – ниту една од самите мерки не беше целосно искористена и планираните финансиски средства остануваа. Бирократскиот процес беше претежок за младите или немале сите еднаков пристап до самите мерки, кои не беа за сите млади, туку конкретно за специфични групи“, потенцираше Малески.
Вториот заклучок е е дека институциите не го следат развојот на самите мерки. Односно, вели тој, не вршат евалуација кој какви мерки превземал, колкава е нивната искористеност и, на крајот на денот, која е нивната цел.
„Од она што може да се види и анализира, е дека пристапот на директно давање финансиски средства на младите беше некаков обид да се стимулира економијата, односно да се потрошат повеќе средства, а со тоа да се задржат работни места во производството“, рече тој.
Исто и комуникацијата, односно учеството на младите во креирање на самите вакви политики не било на задоволително ниво.
„Воопшто не беа консултирани младински организации, ниту пак други видови на младинско здружување. Не беа целисходни самите мерки како такви, а како резултат на кризата гледаме зголемување на младинската невработеност од 4%. На долг рок ваквата криза ќе има трајни последици врз младите, уште повеќе ќе го отежни пристапот до пазарот на трудот, првото работно место и продолжување на кариерните цели“, рече Малески.
Осврнувајќи се на примањата на младите, Виктор Стојкоски од ЗМАИ рече дека ги анализирале податоците од УЈП за периодот од февруари до јуни 2020. Првата забелешка е дека ефектот од доходот кај младите во првиот бран не бил во губење на работни места, туку губење на плати.
„Покрај тоа што стапката на вработеност на младите лица останала на слично ниво за време на првиот бран, платите на младите лица многу се намалени. Во февруари, просечната плата кај младите лица била 19.800, за во јуни да изнесува 19.300 денари. Ова е пад од 2,6%. За споредба, просечната плата на ниво на цела држава во февруари изнесувала 24.300, а во јуни 23.900 денари, што е пад од 1,8%“, рече Стојкоски.
Според истражувачот од ЗМАИ, бројот на млади кои имале примања под минималната плата пораснал од 27.149 во февруари на 31.755 во јуни, а нивното учество во целата популација на млади кои имале примања се зголемило од 32% на 37%.
Стапките на пад на примања се најизразени кај младите и жените.
„Оваа разлика ја зголемува нееднаквоста меѓу нив и останатите групи, што значи дека мерките треба да бидат дизајнирани за нивна поддршка“, посочи Стојкоски.
Според Теодора Столевска од Младински образовен форум (МОФ), додека младите ќе претрпат најмногу економско-социјални последици од кризата, нивната благосостојба може да се подобри преку брзи и правични политички решенија.
Во име на младинските организации, препорача да се олесни (ре)вработувањето на младите, но и да се поддржат преку поврат на персоналниот данок и ваучери за домашна потрошувачка на оние на кои им се најпотребни.
„За образованието да не биде прекинато за ниту едно дете треба да се обезбедат услови за пристап до наставата, особено за младите кои немаат дигитални уреди, кои не се во образовен систем и кои се од економски помалку моќни семејства. Образованието на далечина да стане достапно и за учениците со попреченост“, нагласи таа.
Кризата и социјалната дистанца влијаат негативно на менталното здравје, за што стручните служби во учиштата мора да обезбедат активности за учениците, а државата – сервисни линии за психолошка поддршка и линии за жртви на семејно насилство. Во однос на еднаквото образование за сите, рече таа, воведување на сеопфатното сексуално образование во сите степени на образование е уште еден начин државата да докаже дека е грижлива за секој млад човек и сите млади имаат подеднакво пристап до информации кои се неопходни за нивното физичко и ментално здравје.
Законот за младинско учество и младински политики не треба да чека да заврши кризата, треба да се работи на неговата имплементација, заедно со младинските организации. Препорака има и до младите – волонтерството, младинската работа и активизам треба да опстојат.
Инаку, од почетокот на пандемијата, мрежа на организации постојано ги следи промените и дава препораки за олеснување на последиците предизвикани здравствената и општествена криза.
Членки на иницијативата „Млади во криза“ се МОФ, Реактор, ЗМАИ, ХЕРА, Центар за интеркултурен дијалог, Сојузот на извидници, Младински сојуз – Крушево, Еквалис, Писхотерапика, ХОПС, НМСМ, Хелсиншкиот комитет за човекови права и АРНО. Процесот на криерање на документот и анализите беше поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан.
Бојан Шашевски