Во знак на отпочнување на серија на настани под името „Остави трага“, што се однесуваат на млади лица, се одржа мултимедијален настан под името „Дојди раскажи ја својата приказна – Остави трага“.
Во рамките на настанот имаше панел-дискусија под името „Еднаква, своја, успешна“.
Според Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), целта на настанот е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, нивна активација и подигање на свеста за еднаквоста во општеството.
Студентската правобранителка Викторија Постоловска во своето излагање се осврна на почетокот на нејзината приказна. Како што сведочи Викторија, во средношколските денови го развива чувството за да процени што е „труло“, а што конструктивно – моментите кога таа почнала да мечтае за револуција.
„Често замолчувана и конвенционализирана од актуелните колективи кои наводно ‘доликуваа’ на мојата возраст, потсвесно градев идеал да се биде сѐ освен просечен млад човек кој безгласно прифаќа и се привикнува. Да не беше патот трнлив, денес немаше да се борам за правата на студентките и студентите, да дадам отпор таму каде што со години владеела стагнација и аналитички да пристапам кон сѐ она кое ги засега моите врсници. Ништо од тоа не беше за сопствена цел или привилегија, мојата патоводна ѕвезда од секогаш биле сите девојчиња кои се радуваат на малечките чекори напред, за еден ден големиот успех да не им дозволи да погледнат назад“, истакна Постоловска.
Претставничката на Пивара Скопје, Александра Бабамова, посочи дека уште од најмала возраст не’ учат дека има некој магичен период во животот кога наеднаш ќе сфатиме што точно сакаме и напорно ќе работиме да го оствариме тоа.
„Јас лично сум израсната со ова убедување, и притисокот што истото ми го создаде беше огромен. Додека учев средно сè уште не знаев што сакам и сметам дека тоа е сосема во ред. Она што го знаев е дека без разлика што ќе правам понатаму во животот, важно ми е да бидам почитувана и на исто рамниште со луѓето околу мене. И бев истрајна – имаше многу грешки и лекции, многу работи во кои не се пронајдов или не ме исполнуваа. И тоа е сосема во ред. Тоа што го правам сега е резултат на сите тие подеми и падови и најважно – тоа е нешто што ме прави среќна. Она што би сакала да го пренесам како порака е да не дозволите нечии туѓи очекувања или ограничувања да ве спречат во остварувањето на вашите соништа – без разлика какви соништа се тие или кога ќе сфатите дека баш тоа е вашиот сон. Важно е да не создаваме лажна слика за успехот – така најлесно можеме да се изгубиме себеси во трката да се претставиме во најдобро светло пред останатите. Треба да си го слушаме разумот, но и срцето, и пред се да останеме свои. Сите имаме некаков личен печат што го оставаме, и тоа е вистинската вредност и мерило на нашиот успех“, рече Бабамова.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска со своето обраќање ја раскажа својата приказна и патот до министерската функција.
„Секогаш кога ќе дојдеше некаква покана за обука јас бев прва која ќе се пријави, секогаш сакав да ги градам моите капацитети, затоа што верувам дека преку зајакнати капацитети и вештини можете да ја остварите целта која што сте ја поставиле некаде во вашата младост. Мојата цел беше да работам токму на заштитата на човековите права. Преку граѓанскиот сектор ми се овозможи тоа, но многу повеќе преку Министерството за труд и социјална политика да работам на работничките права, да работам на еднаквоста и недискриминацијата, да работам на подобрување на положбата на жените, детската заштита и ранливата категорија на граѓани. Работам 21 година во Министерството за труд и социјална политика и скала по скала доаѓав на повисока позиција“, рече Тренчевска.
Таа го искажа своето уверување дека само со позитивни примери може да се успее во целта младите да сфатат дека вештините, знаењето и капацитетот е она што носи успех. Според неа, само така можеме да бидеме луѓе чии дела оставаат трага и луѓе кои што и кога нема да се на функции ќе ги споделуваат истите вредности.
Марија Андреева, проектна раководителка од Програмска канцеларија на Совет на Европа, рече дека еднаквоста и рамноправноста во сите сфери на општественото живеење се основата врз која се градат вредности, се организираат активности и се создаваат политики кои овозможуваат секој поединец да ги ужива основните човекови права.
„Европската унија и Советот на Европа преку заедничката програма ‘Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција’ од 2019 година силно ги поддржуваат активностите против дискриминацијата и говорот на омраза и реформите кои имаат за цел да овозможат општество ослободено од омраза и дискриминација, општество во кое љубовта и заедничките заложби се средиште што ѝ помага на државата да се движи напред и истовремено да им даде глас на ранливите и маргинализираните групи во општеството, затоа што кога сите си подаваме рака меѓусебно, кога сме солидарни и кога работиме заедно – можеме да постигнеме многу“, рече Андреева.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека на територијата на општината активно дејствуваат неколку женски здруженија, сите програми за работа на службите се родово балансирани, а во самата општина функционира интерсекторска група составена од претставници од сите сектори што работат на областа за родовата еднаквост под водство на ментор доделен од UN Women.
„Како Градоначалник можам да ви ветам дека ќе продолжам да се залагам за унапредување на човечките права на сите категории граѓани и во мојата агенда секогаш ќе има место за проекти што ќе ја зацврстат улогата на жената и ќе ја подигнат свеста за родовата еднаквост“, рече Герасимовски.
Инаку, официјалното отворање на настанот беше означено со музичка изведба на групата „Шербет“, а потоа беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, додека за време на настанот сликаа дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн.
Настаните под името „Остави трага“ се спроведувани од ИДУЕП заедно со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.
Фото: ИДУЕП