Триесетина средношколци од тетовските средни училишта и членови на младинските клубови од Младински образовен форум, вчера беа во посета на Основниот суд во Тетово. Младите, согласно начелото на јавност на кривичната постапка, имаа можност да присуствуваат на две главни расправи.
Начелото на јавност е значајно начело, затоа што за граѓаните претставува механизам на контрола на работата на судот од една страна, а од друга страна преку ова начело позитивно се влијае врз правната свест кај граѓаните затоа што овозможува нејзино развивање.
Првата главна расправа беше одложена затоа што обвинетот не беше присутен, а се однесуваше на кривично дело против безбедноста во јавниот сообраќај. Судот донесе решение расправата да се одложи, а обвинетиот да биде соодветно донесен на наредното рочиште според одредбите од Законот за кривична постапка. Сепак, од страна на судијата на учесниците на посетата им беше појаснет целиот предмет и кои дејствија всушност ги презема судот во ваквите случаи.
Присутните беа запознати со тоа какви судски предмети се предмет на одлучување пред судот, а воедно им беше објаснет процесот на судење во судница и беа пренесени некои интересни и специфични искуства од судски постапки кои се случиле во текот на работењето на судот. На другиот судски предмет учесниците имаа можност да проследат главна расправа на која се расправаше за дело поврзано со противправно присвојување на електрична енергија.
Посетата беше реализирана од страна на Младински образовен форум во соработка со Основниот суд на Тетово, а во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Преку овие посети организаторите целат кон приближување на институциите до младите, во насока на зајакнување на комуникацијата и придонес кон развивање на демократско и отворено општество.
Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.